Германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер синоќа изјави пред членовите на неговата Христијанско-социјална унија (ЦСУ) дека има намера да се повлече од лидерската позиција на партијата, како и од функцијата министер за внатрешни работи, објави Ројтерс, повикувајќи се на извори од партијата.
ЦСУ, предводена од Зехофер, на регионалните избори во Баварија, минатиот месец, оствари најлош резултат од 1950 година, наведува агенцијата.
Најизгледен кандидат за негов наследник, како што шпекулираат германските медиуми, е Маркус Зедер, актуелен баварски премиер.
Зехофер на седницата на ЦСУ, исто така, рекол дека има намера да поднесе оставка и на министерската позиција пред крајот на мандатот во 2021 година, наведуваат изворите на Ројтерс.
Германската канцеларка Ангела Меркел, неодамна, по поразот на владејачките демохристијани во Хесен, соопшти дека се повлекува од лидерската позиција во партијата и повеќе нема да се кандидира за политичка функција.