Германската канцеларка Ангела Меркел изрази денеска загриженост за спорите разговори за пристап до вакцината против коронавирусот за најсиромашните земји.

На крајот на дводневниот онлајн самит преку на лидерите на Групата 20 најиндустриски развиени земји во светот и земјите во развој – Г20, канцеларката рече дека е загрижена бидејќи сè уште не било решено за дистрибуција на вакцини за најсиромашните. Според неа, Европската унија, САД и другите богати земји веќе имаат потпишано договори со фармацевтски компании за набавка на вакцини.

Лидерите на Г20 ветија на крајот од самитот дека ќе сторат сè за да обезбедат „еднаков“ пристап до вакцината против коронавирусот. Меѓутоа, во буџетот на Глобалниот сојуз за вакцини и имунизација (ГАВИ), кој управува со програмата Ковакс на СЗО за дистрибуција на идната вакцина за коронавирус, недостасуваат уште 3,8 милијарди евра.

Германија веќе вети 500 милиони евра за програмата Ковакс.

„Најважно е Ковакс да почне преговори со производителите на вакцини користејќи ги веќе собраните пари“, рече Ангела Меркел. На крајот од самитот организиран од Саудиска Арабија, лидерите на Г20 изјавија дека „целосно ги поддржуваат“ механизмите воспоставени од СЗО во борбата против епидемијата на коронавирусот, што значи дека вакцината да не биде достапна само за најбогатите земји.