Ангела Меркел, вчера од Лондон, каде беше во последна посета на Велика Британија како германска канцеларка, изрази загриженост за дозволениот број на гледачи за полуфиналето и финалето на Европското фудбалско првенство во Велика Британија, каде што рапидно се шири позаразната делта варијанта на коронавирусот.
Според британската Влада, повеќе од 60.000 гледачи ќе можат да присуствуваат на натпреварот на Вембли во Лондон за полуфиналето и финалето на Евро2020, место првично планираните 40 000. Максималниот капацитет на стадионот е 90.000 места.
-Навистина се прашувам дали е тоа малку многу, рече Меркел на заедничката прес-конференција со британскиот премиер Борис Џонсон во неговата резиденција во Чекерс.
„Во Германија одлучивме дека помалку гледачи можат да присуствуваат на натпреварите на стадионот во Минхен, но секако британската Влада ги донесува своите одлуки“, рече Меркел
Борис Џонсон укажа на „ѕидот на имунитетот“ што Велика Британија го изгради со својата програма за вакцинација, преку која 63 отсто од возрасните примија две дози на вакцината.
Загриженоста на Ангела Меркел за ширењето на инфекцијата на стадионите ја споделуваат италијанскиот премиер Марио Драги и потпретседателот на Европската комисија, Маргаритис Скињас.
Меркел оцени дека победата на Англија над Германија е заслужена и му посака среќа на англискиот тим во продолжението на натпреварувањето.
Досега таа се залагаше з атоа ЕУ да се договори за воведување карантин за патниците од Велика Британија, каде расте бројот на инфекции со делта вирусот, но сега, за првпат, се чинеше дека ја омекнува својата позиција .
-Се надеваме дека во блиска иднина, оние кои примија две дози од вакцината, ќе можат повторно да патуваат без потреба да одат во карантин, рече таа.