Германската канцеларка во заминување Ангела Меркел денеска повика на вакцинација и изјави дека е потребен напор на национално ниво за да се запре новиот бран на епидемијата на коронавирусот што се прошири во земјата.
– Многу сум загрижена поради ситуацијата. Ни претстојат тешки недели. Потребни ни се национални напори за да се прекине тешкиот есенски и зимски бран на епидемијата, рече германската канцеларка.
Таа изрази голема загриженост поради брзиот пораст на новите инфекции, големиот број пациенти на интензивна нега и повторно големиот број смртни случаи на дневна основа, особено во областите со релативно ниска стапка на вакцинација.
Во Германија во последните 24 часа од коронавирус починале 228 луѓе, а се заразиле 45.081 лице.
Канцеларката во заминување побара од оние кои одбиваат да примат вакцина да размислат и да се вакцинираат, иако вакцинацијата во Германија не е задолжителна.
Околу 67 отсто од населението примиле две дози од вакцината, но властите сметаат дека тој процент треба да биде најмалку 75.