Кога концентрацијата на ПМ 10 честичките во воздухот е над 100 микрограми на метар кубен во два последователни дена треба да се ограничи движењето и активностите на отворен простор посебно на децата, хронично болните, на пациентите со кардиоваскуларни заболувања, дијабетес, на тие што преживеале мозочен удар и сите кои професионалниот ангажман го извршуаат на отворен простор.
Граѓаните треба да јадат храна која содржи антиоксиданси, зеленчук и овошје, а хронично болните редовно треба да ја земаат препишаната терапија.
Ова се некои мерки и препораки во врска со аерозагадувањето на кои денеска на прес-конференција укажа министерот за здравство Венко Филипче, кој истакна дека борбата против аерозагадувањето е еден од приоритетите на Владата и на Министерството за здравство. Квалитетната и здрава животна средина, посочи, е еден од основните предуслови за квалитетен живот на сите граѓаните.
Тој потсети на мерките кои беа препорака од Министерството за животна средина и просторно планирање во врска со тоа да се користи јавниот превоз, возилата да не се користат без поголема потреба, повеќе лица да се возат во едно возило, да не користи прегорено отпадно масло за затоплување простории, лакирани или обоени отпадоци од дрво, метал, стиропор, пет амабалажа, парчиња гума или друг синтетски материјал и правилно да се користат печките.
– Свесни сме дека овој проблем се провлекува со години. Во текот на зимските месеци има огромна загаденост на воздухот посебно во некои градови и при тоа се погодени некои ризични групи. Доколку концентрацијата на ПМ честичките во воздухот надмине 200 микрограми на метар кубен ќе излеземе со дополнителни мерки, а во смисла на ослободување од работните обврски на бремените жени, лицата постари од 60 години, лицата со хронични болести, пред се белодробни заболувања, астма, лицата со преживеан миокарден инфаркт или мозочен удар и без оглед на возраста ќе дојде во предвид и реорганизирање на работното време, рече Филипче.
Потенцира дека во овој момент ги прават последните подготовки за почнување на постапката за набавка на заштитни маски кои ќе бидат поделени на хронично болните и на други групи граѓани.
– Треба да се набават околу 50.000 маски. Со секторот за примарна и болничка заштита во Министерството работиме на изнаоѓање на најпрактичниот и најдобриот начинот како да се поделат, рече Филипче и додаде дека веднаш кога ќе ги набават ќе ги поделат.
Д-р Драган Ѓорѓев од Институтот за јавно здравје рече дека треба да се избегнува физичка активност на отворен простор, а децата, хронично болните и старите лица, треба да го подобрат имунитетот, кој е важен во справувањето со инфекциите кои се накалемуваат поради загадувањето на воздухот. Посочи дека треба да се избегнуваат масовни собири.
– Институтот за јавно здравје воведува посовремени методологии во употребата на статистичките показатели од Заводот за статистика за смртноста и од здравствените институции за заболувањата, додаде Ѓорѓев.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со тоа што е направено за да се намали згадувањето, Филипче рече дека станува збор за проблем кој се провлекува многу години наназад и дека се свесни дека за да има вистински ефект и резултати треба да се почне со работа.
– Оваа Влада токму тоа го прави и како еден од приоритетите ја стави борбата против аерозагадувањето и се предлагаат низа мерки за тоа како да се почне за да се влијае на причините. Како Министерство за здравство имаме обврска да укажеме и од стручен аспект. Свесни сме е тоа проблем долги години наназад. Во овој момент кога директно се соочуваме со овој проблем, ние како Министерство за здравство и Институтот за јавно здравје навистина не можеме да направиме ништо повеќе освен да излеземе со мерки и совети до граѓаните. Преземаме максимално се што можеме, додаде Филипче.