Политичката и експертската јавност е согласна дека членството во НАТО за Македонија значи зголемена безбедност и предвидливост, но истовремено тоа носи и шанси за поголем економски раст.

На денешната дебата за ефектите од пристапувањето на Македонија во НАТО беше посочено дека државата ќе добие сигурност и безбедност, контрола на воздушниот простор и целосно управување со кризи, а би котирала и повисоко на Глобалниот индекс на мирот каде во моментот се наоѓа меѓу последните држави. Би се зголемил Бруто домашниот производ и странските директни инвестиции и би се отвориле нови работни места.

– На Глобалниот индекс на мирот сега се наоѓаме некаде на 89 место и доста слабо котираме, а сите земји членки на НАТО, од кои 15 се и членки на Европската унија, се меѓу првите 30 држави во светски размери. Немаме друга алтернатива освен НАТО, истакна Тимурленк Чековиќ, истражувач од безбедносниот сектор.

Според вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, не треба да чекаме НАТО членството да ги реши сите наши проблеми, туку самите треба да се посветиме на внатрешните процеси во државата.

– Не треба да чекаме НАТО членството да ги реши сите наши проблеми, туку тоа е процес на раснење, трансформација и подобрување на државата. На крајот се зависи од нашите сили, капацитет и моќ за да им обезбедиме на граѓаните подобри шанси за живот, рече Шекеринска, додавајќи дека неподелен е ставот на 29-те земји-членки на НАТО дека Македонија е подготвена да стане 30 земја членка.

Верува дека Програмата за продолжување реформи што вчера е официјално предадена во Брисел, ќе биде поддржана од земјите членки на НАТО и оти во брза процедура на почетокот на 2019 година со завршувањето на уставните амадмани, Македонија ќе седне на иста маса со земјите-членки на Алијансата.

– Целта на програмата е да обезбеди јасна чекори што ќе се реализираат во периодот на ратификација на НАТО протоколот што треба да биде изготвен на почетокот на 2019 година од страна на Алијансата и во тој протокол ќе бидат вградени и овие реформи, рече Шекеринска, додавајќи дека не очекува проблеми бидејќи се работи за програма која е работена реално со ветувања кои можат да се реализираат. Ние, рече Шекеринска, покажавме пред НАТО Алијансата дека тоа што ќе го најавиме, го реализираме.

Доколку Македонија стане земја членка на НАТО, ќе треба на годишно ниво да одвојува околу два милиони долари за Буџетот на НАТО, а за да ја реализира обврската за одвојување на два проценти од БДП до 2024 година, ќе треба секоја година постепено да прави зголемување за 0,25 проценти од БДП во следните пет години.