Премиерот Димитар Ковачевски вчера промовира мерки за големо штедење на власта, а во исто време најевтино може да се јаде во рестораните во Владата и Собранието, токму каде што оброк добиваат тие кои имаат и најдлабок џеб да платат специјалитети по багателни цени.
Деновиве беше објавен ценовник на оброците, кои може да се добијат во посочените локали, од кои може да се види дека цените се багателни, но рестораните се недостапни за сите што сакаат евтино да ручаат. Токму од тамошното мени и цени е произлезена популарната „чорбиче за пеевче“. А ако малку се пролистаат сметките и апетитите на министерствата и други институции ќе се забележи дека има доста тендери за апетисани набавени со народни пари. Но…
Кризата предизвикана од руско-украинскиот конфликт се одрази и врз буџетите на државните институции. Владата во вторникот донесе мерки за штедење во јавниот сектор, а секој што нема да ги почитува овие одлуки, ќе биде санкциониран.
Премиерот Ковачевски неколкупати досега изјавуваше дека се соочуваме со најтешката економска криза по Втората светска војна, но дека со добри мерки и штедење ќе се надминат сите предизвици.
Тој вчера изјави дека секоја набавка на мебел и возила од страна на државните институции, ќе мора да биде одобрена од Владата, а контролата за трошоците за стоки и услуги и за репрезентација и реклами ќе ја врши Министерството за финансии кое има увид на дневна основа во работењето на државните институции. Јавните претпријатија и акционерските друштва во државна сопственост, пак, ќе имаат обврска на три месеци да поднесуваат финансиски извештаи до Комисијата за економски систем, за потоа тие да бидат разгледани и одобрени од Владата.
– Секој што нема да ја почитува таа одлука ќе биде санкциониран согласно законите за трговски друштва и за работни односи, предупреди Ковачевски, при посетата на поранешната фабрика „ОХИС“.
Ковачевски ќе го намали и бројот на советници и според најавите ќе има најмал број на советници од сите негови претходници. Тој вчера откри дека со реорганизација на неговиот Кабинет, дел од советниците повеќе нема да ја имаат таа задача, а дел од нив ќе работат на линиски работи во организациски единици за кои се специјализирани според нивните квалификации.
-Бројот на советници којшто јас планирам да го имам е помал од бројот на советници што ги имале досегашните премиери. Тие советници ќе извршуваат работи во нивната професионална област, сите имаат дваесет и повеќе години професионално искуство, академско и професионално, изјави Ковачевски.
Мерките за рационализација предвидуваат забрана за започнување на нови постапки за набавка на мебел и возила, а буџетските корисници и правни лица основани од државата ќе треба за 50 проценти да ги намалат и расходите за репрезентација, спонзорства и реклами, како и користењето на службени возила. Се намалува и бројот на службени патувања и бројот на членови на делегации при патувања во странство.
За 15 проценти се намалуваат и тековните расходи на јавните претпријатија и акционерските друштва во државна сопственост и согласно тоа, тие ќе треба да ги преработат своите финансиски планови и инвестициони програми и во рок од 15 дена да ја информираат Владата.
И на регулаторните тела, единиците на локалната самоуправа, локалните јавни претпријатија и останатите установи под надлежност на општините им се препорачува да ги следат овие владини мерки и да преземат активности за рационализација на нивните расходи.
Претходно, Владата донесе пакет од 26 антикризни мерки со цел да се сочува животниот стандард на граѓаните и ливидноста на компаниите во услови кога има раст на цените на основните прехранбени производи и нафтените деривати. За дел од основните прехранбени производи се намалени маржите, а од денес без ДДВ ќе се продаваат лебот, брашното, млекото со масленост од 2 проценти, 3,2 и 3,5 проценти масленост, белиот шеќер, сончогледовото масло, месото, белиот ориз и јајцата.
Цените на горивата, пак, се носат на дневно ниво врз основа на изменетиот Правилник за одредување на малопродажните цени на нафтените деривати со кој РКЕ може секој ден да носи одлуки за промена на цените на горивата доколку пресметката за цената на било кој нафтен дериват оди нагоре или надоле за два денара. За пресметката се зема просекот од претходните петдневни котации на берзата и воопшто не влијае цената на суровата брент нафта на светскиот пазар.
– Ние мора да бидеме свесни дека Европа се наоѓа во војна. Во Украина се води војна, Русија изврши воена агресија врз Украина и сето тоа влијаеше исклучително негативно и со далекусежни последици на цените на храната, на вештачките ѓубрива, на цените на суровините, особено на железото, на јагленот и на другите основни суровини. Сите 26 мерки што Владата ги донесе во изминатата недела се токму за справување со овие предизвици со кои се соочуваме ние, но и целата светска економија, истакна вчера Ковачевски.
Од друга страна, опозицијата обвинува дека Владата доцни со мерките и дека Владата од 1 ноември потрошила два милиони евра за луксуз иако знаела дека ќе има криза.
– Само за пет месеци, Владата потроши 2 милиони евра за непродуктивни трошоци. Тие потрошија 250.000 евра или 15.400.000 денари за набавка на мебел во министерството за внатрешни работи. СДСМ и ДУИ не го прифаќаат предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за да трошат пари на луксуз. Само за кафе, Владата ќе потроши 3 милиони денари, наведе ВМРО-ДПМНЕ во вчерашното соопштение.
Влијанието на руско-украинскиот конфликт врз домашната економија внимателно се следи и од страна на Народната банка од каде најавуваат дека ќе продолжат со реоценување на поставеноста на монетарната политика, имајќи ги предвид најновите информации за конфликтот, како и фискалните мерки и последиците врз домашната економија.
– Во првите два месеца од 2022 година е остварена просечна годишна стапка на инфлација од 7,1 отсто. Забрзувањето на инфлацијата е главно одраз на растот на светските цени на примарните производи (храна и енергија), но и општо на увозните цени. Ова доаѓа до израз особено во економиите коишто зависат од увоз, односно каде што значителен дел од потрошувачката е увезен, како што е случајот и со нашата економија, како една од трговски најотворените економии во регионот, појаснија од централната банка.
Конфликтот во Украина поттикна и дел од инвеститорите да размислуваат за трансфер на нивните инвестиции во други држави. Така, веќе две компании побарале нивните фирми ќерки од Украина целосно да ги преселат во земјава. Доколку нема промена во нивните барања, трансферот на капацитетите, според директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Јован Деспотовски, би можел да се реализира брзо во рок од три до шест месеци. Според Деспотовски, се зголемува и интересот странските инвестиции кои првично биле планирани за Централна и Источна Европа, сега да се префрлат во Македонија.