Во слободните економски зони во источна Македонија се отворени 33.000 нови работни места, кои обезбедуваат егзистенција за 130.000 жители, а во албанските зони на земјата има нула инвестиции, пишува аналитичарот близок до власта, универзитетскиот професор Мерсел Биљали.
– Во Македонија се уништува албанството. Албанската младина избега и во државата, според анализите на демографите, нема преостанати повеќе од 220.000 Албанци, од кои огромно мнозинство се постари од 50 години,пишува Биљали.
Тој статијата под наслов „Уништувањето на албанството во С. Македонија“ ја објавува во ревијата Шења, а ја пренесе информативната агенција на албански јазик ИНА.
– Во слободните зони во источна Македонија уште од нивното основање отворени се околу 33.000 нови работни места. Тие работни места обезбедуваат директна и индиректна егзистенција за близу 130.000 жители од таа страна, во време кога во северозападниот дел од државата многу нешта се помножени со нула, како и свеста. Сите инвестиции од странство се испраќаат во источниот дел на земјава, додека во албанските делови на земјата тие празни слободни зони сега се претворени во одморалишта за кучињата-скитници и во пасишта за магариња без сопственици. Северозападна Македонија во аут!- пишува Биљали, инаку истакнат поборник за НАТО и ЕУ и близок до власта.
Тој натаму во статијата додава:
– Во северозападниот дел на државата, кој е населен со албанско мнозинство, работат само три странски компании, кои имаат одредена тежина, но и овде вработувањето на Албанците е многу мало, или симболично. Тоа произлегува од незаинтересираноста на албанскиот политички чинител. Државата сега ужасно се празни од албанското население. Целата техника на албанското владеење со години се заснова врз празни пофалби и застарен патриотизам, поддржан од некои корумпирани медиуми и новинари. Тие имаат за цел да ги убедат луѓето дека нивната судбина е врзана со фолклорот и празните зборови, а зборот економија не се појавува воопшто во устата на албанските политичари, кои се занимаваат со цените на компирите и доматите!
Безумната партизација го уништи албанството во Македонија, пишува Биљали.
Целата статија може да ја погледнете ТУКА.