Албанскиот претседател Илир Мета го поздрави предлогот на Бугарија да се раздвои патот на Албанија и Македонија за пристап во ЕУ, што ќе и овозможи на Албанија да напредува.
Патот на Албанија кон ЕУ е поврзан со оној на Македонија. Ова значеше дека ветото на Бугарија поврзано со човековите права, историските и јазичните прашања резултираше со тоа што Албанија не успеа да напредува кон формалниот почеток на преговорите, и покрај тоа што доби зелено светло од сите 27 земји-членки.
Минатата недела, бугарскиот евроамбасадор Румен Александров рече дека неговата земја нема да го укине ветото за Македонија, но дека Албанија треба да се раздели и да се процени независно. Дополнително, тој рече дека Бугарија дала неколку предлози за тоа како Македонија може да ја ублажи ситуацијата, вклучително и спроведување на Договорот за пријателство меѓу двете.
На предлогот на Бугарија реагираше Мета и рече: „Го поздравувам ставот на Бугарија која предлага што поскоро почеток на преговорите за членство на Албанија во Европската Унија“.
Тој додаде дека е убеден дека Македонија постигнала „огромен напредок во спроведувањето на реформите и постигнувањето историски договори како оној во Преспа“.
– Го поздравувам достоинствениот однос на македонските власти да продолжат непоколебливи во проевропскиот курс на реформи кои им служат на граѓаните и на аспирацијата за членство во ЕУ, заклучи тој.