Албанскиот претседател Илир Мета на прес конференција рече дека вчера донесената одлука на Изборниот колегиум е невалидна бидејќи, како што рече, тоа не го признава Уставот, било да станува збор за закажување или за одложување на избори.
Според него оркестрираната одлука на колегумот донесена е под политички притисок на владејачкото мнозинство.
-Се наоѓаме во една парадоксална ситуација. Уредбата на претседателот за избори е донесена со целосна поддршка на Уставот, поради што само Уставниот суд може да ја разглеада истата. Го повикувам мнозинството да се повлече од беззаконието, зашто единствен начин да се реши кризата е политичкиот дијалог, рече Мета.
Меѓу другото, претседателот Мета изјави дека со уредбата за одлагање тој всушност забранил одржување монистички избори, додавајќи дека избори на 30 јуни нема, зашто овој датум не постои.
-Претседателот не интервенира за да спречи партиски избори, но во врска со датумот 30 јуни,несомнено овој датум законски не постои. Кој сака да направи партиски избори јас не навлегувам во тоа. Ова треба да биде јасно и внатре и надвор од земјата, порача тој.
Тој го предупреди мнозинството,на чело со премиерот Еди Рама дека ќе се соочат со законот доколку продолжат со незаконитости.
На новинарско прашање дали размислува да даде оставка тој рече дека на оваа функција ќе биде до 24 јули 2022 годна.
-Оваа институција не му припаѓа на Илир Мета, туку на Републиката и оваа институцијата никогаш нема да падне, туку од оваа нстуција ќе започне повторно воспоставување на Републиката. Албанија нема да се претвори во ничија персонална тиранија ниту во колонија ниту некоја меѓународна фондација, таа е земја која им припаѓа на сите Албанци, значи тука ќе бидам до 24 јули 2022 година- рече Мета.
Нагласи дека во Албанија единствена институција која одлучува за датум на избор е Претседателот.
-Јас не ги одложив изборите во Италија или во некоја друга земја,туку во Албанија поради длабоката криза во која е земјата со месеци а сето тоа да се избегне евентуален граѓански конфликт,посочи Мета.
Изборниот колегиум или како уште се нарекува изборен суд, вчера ја потврди одлуката на Централната изборна комисија со која се одбива барањето на Партијата за национално единство да биде избришана од гласачките ливчиња, што всушност значеше дека уредбата на Мета за одлагање на изборте е неважечка.
По прес конференцијата претседателот Мета ги покани и испи кафе заедно со новинарите во дворот на претседателската резиденција.