Поради спуштање на нов многу поладен воздух од север кон јужна и кон југоисточна Европа, над јужна Италија, а особено над Јонското Море ќе дојде до формирање на длабок секундарен циклонски систем кој значително ќе влијае на времето кај нас во Македонија од вторник навечер и во деновите потоа условувајќи нови обилни врнежи кои на пониските места (градовите) ќе бидат од дожд, а на повисоките места и на планините над 1.000 метри ќе бидат од снег каде што снежната покривка ќе се зголеми за 50 сантиметри.

Најобилни врнежите ќе бидат во среда  и во четврток (1 и 2 април).

Под влијание на циклонска активност од утре до петок ќе има повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради заладување врнежите ќе преминат во снег и во некои од повисоките места.

Според најавите од Управата на хидрометеоролошки работи (УХМР), пообилни врнежи ќе има во среда и четврток кога локално се очекува да наврнат над 50 литри на квадратен метар. Ќе дува умерен, а во среда засилен ветер од североисточен правец.

Во деновите од викендот времето ќе биде претежно стабилно со пораст на дневните температури.

Во Скопје, во следните три дена ќе има повремени врнежи од дожд. Врнежите ќе бидат пообилни во среда попладне и во четврток. Потоа времето ќе биде претежно стабилно и потопло.