Ѕвездата на култната серија „Пријатели“, Метју Пери беше подложен на тешка операција поради проблем со дебелото црево, соопшти неговиот портпарол.

– Метју Пери неодамна беше опериран во Лос Анџелес поради гастроинтестинална перфорација. Тој е благодарен за загриженоста на фановите и замоли за мир, додека се излечи целосно, изјави портпаролот.

Сегашните проблеми на 48-годишниот актер можно е да се предизвикани од зависноста од различни супстанци. Од 1997 до 2001 година Пери беше лекуван од зависност од викодин, метадон, амфетамини и алкохол.

– Најмногу имав проблем со пиењето и со опијатите. Мислам дека бев многу добар во прикривањето, но на крајот луѓето сфатија. Беше страшно за гледање. Бев болен човек, изјави Пери во една прилика за Еј-Би-Си.

Популарниот Чендлер Бинг во неколку наврати изјави дека едвај се сеќава на времето кога тој учествувал во серијата „Пријатели“, која го направи светски популарен.