Со разрешување на 78-те претседатели на општинските организации на СДСМ од 80 општини премиерот и лидер на партијата Зоран Заев ги почна ветените промени со т.н „метла“ што ја најави како одговор на пораката од граѓаните по гласањето во првиот круг на неодамнешните Претседателски избори.
Тој почна со промените во партијата, терен каде што има директна надлеженост, со увереност дека изборот на новото раководство во партиските организации ќе овозможи обнова на потенцијалот за решавање на проблемите на граѓаните.
Почнатите партиски промени треба да продолжат на почетокот на следниот месец, како што најави Заев, во општествениот сектор, односно јавните претпријатија, министерствата, Владата и сите владини институции. Верувам дека сето ова ќе предизвика едно возобновување на севкупниот амбиент на луѓе кои што се доста експонирани и постојат да бидат добра алка на премостување и решавање на проблемите на граѓаните, се со конечна цел сите да учиме од своите слабости и да бидеме уште подобри во периодот кој што претстои пред нас, изјави Заев.
За идните одлуки Заев завчера имаше средба со коалицискиот партнер, лидерот на ДУИ Али Ахмети, од каде пак истовремено промовираа концепт за промените со ветинг.
Разговорите на Заев и Ахмети, според најавите, ќе продолжат по консултации во двете политички партии. Целта на тие иницијативи, како што рекоа од Владата, е обезбедување кадровски решенија за зајакнување на капацитетите на институциите, во насока на исполнување подобри резултати на економски план и исполнување на очекувањата на граѓаните.
Неговиот коалициски партнер Ахмети, претходно изјави дека останува на барањето за проверка на пратениците и функционерите кои вршат јавна дејност и, како што вели, бара совети за примена на ветингот, со што ќе се спречат нападите кон функционерите и ширењето лажни вести.
Според пратеникот од ДУИ Артан Груби, ветингот што ДУИ го предлага, нема врска со метлата на Заев. Партијата планира да има двоен ветинг, еден партиски со кој ќе се проверуваат кандидатите за членство во ДУИ, и еден институционален.
– Било да е пратеник, министер, директор или кој било треба да биде проверен пред да се именува. Да се гарантира дека човекот кој ќе го изгласаме во Собранието е кристално чиста личност без дамка во кариерат, изјави Груби.
Во коментар на неговата изјава Заев рече дека сите коалициски партнери имаат право да даваат свои коментари, но и да знаат што ќе се случи со реконструкцијата на Владата.
– Јас сум мандатар, тие можат да гласаат во Парламентот или не кога ќе ги дадам предлозите за промени во Парламентот. Артан Груби е пратеник во Парламентот. Тој и неговата пратеничка група од ДУИ ќе се изјаснат за решенијата. Затоа имав средба со лидерот на нивната политичка партија, ДУИ , за да знаат навремено кои чекори ќе ги преземам, согласно тоа да си донесат одлуки, да се разговара во партијата и сл., рече Заев, одбивајќи да лицитира со имиња.
На трибина по првиот круг од претседателските избори на 21-ви минатиот месец Заев обраќајќи се на поддржувачите кои останале дома и се незадоволни од власта најави дека ќе има „чистка“ на функционери на локално и на централно ниво, а актерот Драган Спасов – Дац му подари метла. Главни критериуми за „метлата“, според Заев, ќе бидат ароганцијата, неисполнувањето на очекувањата, неагилниот однос и непотизмот.
По неговата најава поголемиот дел од министрите од СДСМ оценија дека ќе ја почитуваат одлуката ако бидат дел од смените во Владата, а дел од министрите од ДУИ изјавија дека работат според програмата, а за кадровските смени одлучува лидерот Ахмети. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ во неколку наврати упати критики до Заев за целиот процес со порака дека „метлата“ треба да почне од него.