– Во срцето на Бари, прекрасниот крајбрежен град во југоисточна Италија, сместен на брегот на Јадранското Море и главен град на регионот Пуља (Puglia), се наоѓа Понтификалната базилика на свети Никола, во чија крипта се чува поголемиот дел од моштите на свети Никола Чудотворец.
Тие во 1087 година биле пренесени од античкиот град Мира (денешна Турција), како што се тврди, за да се заштитат од тогашните напади на муслиманите во Ликија. Моштите на светецот се сместени во криптата, која се наоѓа во црквата. Таа е под главниот олтар и е потпрена на 26 уникатни мермерни столба со различно украсени капители. Тука, во централниот дел под земјата, се чуваат светите мошти на Никола Чудотворец, обвиени во сребрен олтар, каде што се молат верниците.
На 9 мај, кога во католицизмот се слави преносот на неговите мошти, традиционално свештенството на базиликата спушта шише во подземната гробница на свети Никола за да извади дел од мирото за кое се верува дека зрачи од моштите. Тие, според сведочењата, лачат чиста течност со пријатен мирис, позната како мана или миро, која верниците ја користат за благослов и исцелување. Садови со ова миро се испраќаат во целиот свет, а верниците пријавиле многубројни чуда како резултат на помазанието со него.

Бари е жив споменик на времето, град каде што минатото и сегашноста се преплетуваат во совршен медитерански ритам. Сместен на брегот, каде што синилото на морето го бакнува каменот, тој е мозаик од култури и религии. Срцето на градот чука во неговиот стар дел, познат како Бари Векија (Bari Vecchia), лавиринт од тесни калдрмисани улички, кои изгледаат како театарска сцена на отворено, недопрена од брзиот развој на модерниот свет. Од прозорците и во тесните улички се слуша гласен италијански разговор, над главите се сушат алишта прекриени со бело платно. Токму тука е сместена Базиликата поради која Бари има огромно духовно значење, кое ги надминува границите на Италија.

Величествената базилика на свети Никола е духовното јадро на градот, место каде што со векови почиваат моштите на овој голем христијански светец. Оваа базилика е уникатен симбол на единството бидејќи претставува мост помеѓу католичкиот и православниот свет привлекувајќи илјадници верници и поклоници од цела Европа. Мирот што владее зад нејзините дебели камени ѕидови е во силен контраст со динамиката, разиграноста и џагорот на мноштво јазици што се слуша на градските улици.

Базиликата „Свети Никола“ претставува еден од најзначајните духовни мостови меѓу Истокот и Западот бидејќи во својата крипта ги чува автентичните мошти на свети Никола Чудотворец. Ова монументално светилиште, изградено во специфичен пуљски романски стил, веќе речиси илјада години привлекува милиони христијански верници – православни и католици – кои доаѓаат да се поклонат пред гробот на светецот. Базиликата е изградена помеѓу 1087 и 1197 година за време на италијанско-норманската доминација на Пуља, област претходно окупирана од византискиот катапан, чие седиште бил Бари. Нејзиното основање е поврзано со враќањето на дел од моштите на свети Никола од првобитното светилиште на светецот во Мира, во денешна Турција. Кога Мира паднала во рацете на Сарацените, некои го виделе тоа како можност да ги преместат моштите на светецот на побезбедна локација.

Според легендите, светецот, минувајќи покрај градот на пат кон Рим, го избрал Бари како свое погребно место. Имало голема конкуренција за моштите помеѓу Венеција и Бари. Вторите победиле, моштите биле однесени иако ги чувале законските грчки чувари и нивните муслимански господари, а на 9 мај 1087 година (по стар стил) безбедно биле испратени во Бари. Тогаш била изградена нова црква за да ги засолни останките на Никола, а папата Урбан II бил присутен на осветувањето на криптата во 1089 година. Иако изградбата почнала во 1087 година, а долниот дел од базиликата, односно криптата, бил завршен за само две години и осветен во 1089 година од страна на папата Урбан II, сепак целосната конструкција на горната црква и сите придружни елементи траеле повеќе од еден век, па базиликата била официјално завршена и комплетно осветена во 1197 година.

Базиликата на свети Никола во Бари претставува ремек-дело на архитектурата и служи како главен прототип за пуљскиот романски стил во јужна Италија. Фасадата е изработена од мазен, светол локален камен, бел варовник, а предниот дел јасно ја отсликува внатрешната поделба на три брода преку пиластри (вертикални столбови). Главниот влез е украсен со богати камени резби, кои содржат мотиви од животни, растенија и митски суштества во нормански стил.

Моштите на светецот се сместени во криптата, која се наоѓа во црквата. Криптата е под главниот олтар и е потпрена на 26 уникатни мермерни столба со различно украсени капители. Тука, во централниот дел под земјата, се чуваат моштите на свети Никола обвиени во сребрен олтар, каде што се молат верниците. На Денот на пренесувањето на моштите, попознат како Свети Никола летен, свештенството на базиликата спушта шише во подземната гробница на свети Никола за да извади дел од мирото за кое се верува дека зрачи од моштите.

Според сведоштвата, моштите лачат чиста течност со пријатен мирис, позната како мана или миро, која верниците ја користат за благослов и исцелување. Ова се прави секоја година на 9 мај, кога се слави преносот на моштите на свети Николај Чудотворец Мираклиски. Садови со ова миро се испраќаат во целиот свет, а верниците пријавиле многубројни чуда како резултат на помазанието со него. Таа се разредува во големи количини осветена вода и се става во мали стаклени шишенца кои им се делат на верниците. Верниците со неа се помазуваат на болните места или ја пијат со молитва за здравје.

При чинот криптата е преполна со свештеници, високи црковни достоинственици и верници, кои во тишина и со молитва го чекаат клучниот момент. Мермерниот саркофаг во кој почиваат моштите на светителот се отвора преку специјално конструиран мал отвор. Архиепископот на Бари лично се наведнува над отворот и со помош на специјална долга пипета или пумпа го извлекува собраното миро. Течноста е бистра како чиста вода и има исклучително пријатен, благ мирис. Обично се собира мала количина (речиси половина до еден литар). Тогаш архиепископот ја подигнува стаклената чаша со извлеченото миро. Верниците веруваат дека оваа течност (на грчки миро, на руски мыро, во Италија мана) чудотворно извира директно од коските на свети Никола. Според расположивите податоци, во педесеттите години на минатиот век биле извршени и официјални анатомски и хемиски анализи на моштите. Лабораториските испитувања потврдиле дека се работи за течност со состав на речиси потполно чиста вода, која не е поврзана со надворешна влага или инфилтрација во просторот.
Бидејќи количината извлечено чисто миро е премногу мала за илјадниците присутни аџии, свештениците од Доминиканскиот ред (кои управуваат со базиликата) извлеченото чисто миро го истураат во големи садови со осветена вода за да се разреди. Оваа мешавина потоа се пакува во мали, уникатни стаклени шишенца, кои често се рачно насликани со ликот на свети Никола од локални уметници во Бари.

Во 1953 и 1957 година Ватикан дозволил отворање на гробот за анатомско и научно истражување. Научниците потврдиле дека коските навистина му припаѓаат на маж што живеел во IV век и дека тие природно лачат чиста влага (кондензација со специфични својства). Според достапните податоци, клучниот момент за науката се случува 1953 година кога за време на реставрација на криптата во Бари, Ватикан дозволува отворање на гробот. Професорот по анатомија од Универзитетот во Бари, Луиџи Мартино, извршил детални медицински, рендгенски и антрополошки мерења на коските. Овие податоци подоцна биле искористени за најсовремени 3Д-форензички реконструкции.
Истражувањата на професорот Мартино ги потврдиле историските записи за физичката состојба и страдањата на светецот. Моштите припаѓале на маж што починал на возраст над 70 години. Тој бил со просечна висина за тоа време (околу 163-167 сантиметри) и имал слаба до просечна телесна градба. На зглобовите, ’рбетот и на карлицата биле пронајдени тешки траги од хроничен артритис. Научниците заклучиле дека овие оштетувања се последица на многу години поминати во влажна и студена средина, што, според нив, совршено одговара на историскиот факт дека свети Никола поминал години во влажните римски зандани за време на прогонот на христијаните под царот Диоклецијан.

Забележан бил специфичен белег – скршен нос. Тоа била најодлучувачката карактеристика на неговиот череп, носната коска му била силно скршена и зараснала асиметрично. Оваа сериозна повреда веројатно настанала како последица на физичко мачење и тепање додека бил во затвор. Светецот имал широко лице со истакнати јаболчници, високо чело и нагласено квадратна, масивна долна вилица. Неговата глава имала тркалезен облик.
Најголемото изненадување за научниците бил фактот што добиениот тридимензионален модел речиси совршено се совпаѓал со најстарите православни византиски икони (како онаа во манастирот „Света Катерина“ на Синај). Иконописците низ вековите очигледно прецизно ја пренесувале неговата вистинска физиономија – високото чело, карактеристичниот поглед и широката форма на лицето.
Свети Никола (или свети Николај Чудотворец) е еден од најпочитуваните христијански светци, заштитник на морепловците, трговците, децата, сиромашните и на патниците. Тој бил вистинска историска личност – христијански епископ, кој живеел кон крајот на III и почетокот на IV век во Ликија (историска област во Мала Азија, на територијата на денешна Турција).
И покрај неговата огромна слава во светот, за неговиот живот има малку пишани современи документи, но затоа постојат многубројни преданија и чуда поврзани со неговото име.

Се верува дека е роден околу 270 година во Патара, богат пристаништен град во Ликија. Неговото семејство било многу имотно и побожно. Неговите родители починале додека бил млад. Целото огромно наследство Никола одлучил да им го подели на сиромашните, болните и на оние на кои им била потребна помош. Поради својот праведен живот и длабока вера, тој бил избран за епископ на градот Мира (денешен Демре во Турција). Како епископ се покажал како исклучително праведен и храбар водач, кој ги штител неправедно осудените. За време на суровите прогони на христијаните од страна на римските цареви Диоклецијан и Максимијан, свети Никола бил затворен и мачен.
Како што покажале научните истражувања (скршената носна коска), тој претрпел тешко физичко насилство, но не се откажал од верата. По доаѓањето на царот Константин и признавањето на христијанството, тој учествувал на Првиот вселенски собор во Никеја (325 година), каде што силно се борел против ересот на Ариј. Починал во длабока старост на 6 декември 343 година (овој ден, според стариот календар, односно 19 декември по новиот, се празнува како негов главен празник – Свети Никола зимен).
Самиот свети Никола живеел и починал многу пред црквата да се подели. Тој бил византиски архиепископ во градот Мира (Источна црква). Затоа, иако коските биле донесени во католичка Италија, тој останал еднакво сакан и почитуван и на Истокот и на Западот.

Во Македонија и на целиот Балкан свети Никола има статус на култна личност. Тој е најчестата домашна слава (именден) кај православните семејства за што постои и народната изрека: „Половина Македонија го слави свети Никола, а другата половина оди на гости“. Бидејќи празникот паѓа за време на божиќните пости, посната трпеза (риба, посна сарма, грав) е заштитен знак на оваа празнична традиција.
Она што ја прави базиликата во Бари, која го чува најголемиот дел од моштите на свети Никола, посебна, е нејзиниот екуменски карактер. Во криптата, веднаш до гробот на свети Никола, постои посебен православен олтар и иконостас. На овој олтар редовно се богослужат православни литургии. Најчесто со нив раководат свештеници од Руската и од Грчката православна црква, но отворена е за сите православни свештеници и поклоници од Балканот (вклучувајќи ги Македонија, Србија, Бугарија) кои доаѓаат со организирани групи.
Базиликата во Бари е една од ретките католички цркви во светот каде што Ватикан официјално дозволува православни богослужби. Православните свештеници (вклучувајќи ги и македонските) редовно служат света литургија таму за своите верници правејќи ја базиликата вистински пример за христијанско единство.

Има верувања дека иако најголемиот дел од моштите е во Бари, околу една петтина од нив (помалите фрагменти) подоцна биле земени од Венецијанците и денес се наоѓаат на островот Лидо во Венеција. Ситни делови од моштите се чуваат во храмови во Грција и на Света Гора, во Русија, Романија, но и во САД.
Во Македонија неколку значајни манастири и цркви имаат чест да чуваат честички од моштите на овој голем чудотворец, кои најчесто пристигнале како подарок од Света Гора, Бари или Русија. Во Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител“ се чува една од најпознатите честички од моштите на свети Никола во Македонија. Верниците може да им се поклонат за време на големите празници. Во манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во Рајчица (Дебарско) се чува преубав, раскошен филигрански кивот (ковчеже), во кој се наоѓаат честички од моштите на неколку светци, меѓу кои и на свети Никола.




