Првиот впечаток кога ќе влезете во главниот град на Косово е дека локалните власти тука не седат со скрстени раце. Тоа се гледа на секој чекор: нови автобуси во јавниот превоз, модерни такси-возила, многу велосипедски патеки, обновени зелени површини во центарот…

Приштина не е град што ќе ви остане во сеќавање поради некоја грандиозна знаменитост, каде што туристи се редат да се фотографираат. Овој град се памети поинаку. Често ќе видите студенти што седат со книги в раце во парковите, дедовци занесени во шах како да немаат друга работа на светот, улични свирачи, изложби, концерти, театарски претстави и литературни фестивали на отворено, а независната музичка сцена станува сè попозната и надвор од Балканот преку таа чудна, но успешна мешавина од источен дух и европска современост.

И можеби баш затоа толку многу луѓе што доаѓаат тука без големи очекувања, односно со предрасуда дека ќе наидат на забаталена, муслиманска, балканска касаба, на крајот си заминуваат изненадени од тоа што брзината на развојот на овој град се чувствува на секое ќоше. Таа трансформација не задушува. Се остава доволно простор за движење на пешаците, одмор, проток на воздух, зеленило… Сепак, ни Приштина не е имуна на загадувањето, прекубројните возила, забрзаното градење. Меѓутоа, градот се шири кон периферијата, каде што никнуваат огромни згради и цели нови населби со куќи направени по ист калап.

Приштина е град кој оди напред во пишувањето на својата современа историја, постојано се менува и си живее по сопствен такт. Но, минатото не го крие некаде настрана, туку го носи отворено како дел од тоа што е. Тука се судираат разни култури, генерации и визии за иднината. И токму во таа спротивставеност, а не во некаква совршеност, лежи нејзината посебност.

Она што никако не можете да го одбегнете е косовската „американско-европска посветеност“. Билборди, мурали, имиња на улици и зданија, знамиња и други обележја… Се чини, не е пропуштена ниедна можност нешто да се нарече по некој значаен американски политичар или да се стави посвета на Европската Унија (имаат дури и мини верзија на американската Статуа на слободата).

Тука и таму ќе налетате на џамија, а понекаде и на црква (Косово има мнозинско муслиманско албанско население, околу 90 проценти, но и значајно српско православно малцинство и историски манастири.) А културниот шок е што за 24 часа во Приштина видовме само една жена облечена во никаб (вел за лице што ги покрива и главата и устата, но има отворен прорез за очите) и само три со хиџаб (марама што ги покрива само косата, ушите и вратот, а лицето останува целосно откриено). Жените од сите возрасти се модерно облечени, во фармерки, куси здолништа, со блузи на куси ракави, маички на прерамки, нашминкани, весели, слободни и убави.

Жителите на косовската престолнина се љубезни кон туристите. Постарите ќе ви помогнат обраќајќи ви се на српски, помладите на англиски, а некои само на албански, но ќе ги искористат сите можни гестикулации да ви излезат во пресрет. Народ има насекаде, најмногу млад свет. Цените во кафулињата се речиси на ниво на нашите – нес, макијато или фрапе чини од сто до сто и дваесет денари. Ручек за едно лице, со еден-два пијалака, во пристојна кафеана, 16-20 евра.

Маркетите, пак, се поскапи нешто повеќе од нашите, особено зеленчукот и овошјето: килограм компир е едно евро, килограм банани околу 1,5 евро. Векна обичен бел леб е 39 денари, сто грама мисиркина/говедска салама е 96 денари, 200 грама пилешки паризер 68 денари, половина килограм виршли 185 денари (производи од свинско месо има, но изборот е ограничен), кесичка чипс стотина денари, литар масло за јадење е 118 денари, пиперките чинат од 114 до 190 денари, доматите се над сто денари, килограм јунешко месо е од осум до 12 евра… Покрај секој производ е знамето на земјата на потекло и сè се плаќа исклучиво во евра.
Патем, просечната плата во бруто-износ е околу 700 евра. Кога од тоа би се одзеле 33 отсто, колку што изнесуваат давачките кај нас, би се добиле околу 500 евра нето-плата. Сепак, во Косово нето-платата е повисока затоа што одбивањата се помали, но потоа низа услуги граѓанинот сам си ги плаќа.

Косово не е членка на еврозоната, ниту на ЕУ, но еднострано го прифатиле еврото како фактичка валута на 1 јануари 2002 година наследувајќи ја германската марка, која се користела од 1999, по доаѓањето на УНМИК. Тоа е направено без формален договор со ЕЦБ, но во координација со неа. Истото го направила и Црна Гора, во истиот период, со истата валута.

Престој во изнајмен стан во центарот на градот може да најдете за 80 до сто евра за ноќ (ова е цена доколку на кратко како турист изнајмувате стан, а не цена за долгорочно изнајмување). Продавниците за облека, обувки и бела техника функционираат како и во остатокот од светот – попусти, аутлети, акции на секој чекор. Приштина има неколку огромни трговски центри, распространети на голема површина со многу забавни и рекреативни простори, со многубројни посетители, каде што е живо и раздвижено. Паркингот во моловите е бесплатен, како и во градот во сабота и во недела, а во работните денови чини едно евро за еден час. Патем, од Скопје до Приштина патарини нема. Иако од Блаце па натаму е модерен автопат.

Полиција ниво градот човек ретко ќе види. Дури и резиденцијата на косовскиот претседател, седиштето на владата… никој особено не ги чува. Имено, пред секој таков објект стои по едно младо момче во униформа, кое можеби и носи оружје, но тоа не се забележува, кое само ќе те замоли учтиво да не фотографираш и да не влегуваш подалеку во дворот. Нема ограда, нема врата, целиот простор е отворен, така што лесно човек ќе помисли дека тие убаво уредени мали градини се само продолжение на градскиот плоштад, а не влезови во највисоките државни институции.

Косово е автономна провинција во состав на Србија, некогашен дел од Југославија, од 1974 година, под Титовиот Устав. Таа автономија му е одземена од Слободан Милошевиќ во 1989, што доведе до невооружен отпор предводен од Ибрахим Ругова, а потоа и до вооружен конфликт. Косовската војна траеше од февруари 1998 до јуни 1999 година помеѓу силите на тогашна Југославија и Косовската ослободителна армија – УЧК. Заврши со повлекување на југословенските сили по почетокот на НАТО-бомбардирањето во март 1999. На 17 февруари 2008 година парламентот на Косово прогласи независност од Србија по неуспешните преговори за Ахтисариевиот план од крајот на 2007. Србија до денес не ја признава оваа независност.

Сепак, иако е една од најмладите престолнини во светот, Приштина е стар град. Како населба има антички корени, а најраниот документ што го споменува самиот град по име се чини датира од 1342 година кога византискиот император Јован VI Кантакузин го опишал местото како „село без бедеми“. Според описите од Евлија Челеби за Приштина во 1660 година, градот тогаш имал пазар со речиси 300 дуќани, всушност малку за неговата големина, и 12 верски објекти, од кои шест џамии, со посебен акцент на гостопримливоста и убавината на младите луѓе во градот. Уште подалеку во минатото, во близина на денешна Приштина постоела римската Улпијана, антички центар на провинцијата Дарданија.

Она што е едно од најзначајните обележја, пак, на денешна Приштина е споменикот NEWBORN, кој е откриен на 17 февруари 2008, истиот ден кога Косово прогласува независност, а негов автор е Фисник Исмаили. Договорено е дека секоја година Исмаили ќе ја менува нејзината надворешност претворајќи ја во платформа за разни пораки поврзани со мирот, демократијата и современите општествени теми. А Националната библиотека на Косово е дело на хрватскиот архитект Андрија Мутњаковиќ, со 99 куполи во разна големина, обвиени во метална мрежа.
И на крајот, еден податок што многу добро ја објаснува енергијата на градот. Косово има најмлада популација во Европа, со просечна возраст од 34,8 години, според податоците од 2024 година. И уште нешто – никаде во Приштина не видовме казино.




