Првото нешто што ќе го слушнете во Воден не е ниту улицата ниту вревата од луѓе. Тоа е водата. Некаде зад ѕидовите на старите куќи нешто постојано ромори, тивко, но упорно, како во заднина постојано да тече некаков скришен, неразбирлив разговор. Подоцна сфаќате дека водата не е само украс, туку постојан придружник на овдешниот живот со векови.

Едеса односно, Воден, е подигнат на карпа над рамницата на Пела. Одзади се планините на Ворас, а низ градот минува реката Едесајос (Вода), разгранета во канали и извори, што на крајот паѓаат како водопади. Таа комбинација на населба на карпа над зеленило, а под неа рамница колку окото што ви фаќа, е јасна: положбата на карпата овозможувала заштита, а плодната рамница под неа услови за живот. Преданието го поврзува основањето на градот со легендарниот Каран (првиот крал на Античка Македонија и основач на кралската династија Аргеади), а археолозите потврдуваат дека станува збор за многу стара населба, со горен град на карпата и долен во областа Лонгос.

Во римско време градот добил дополнителна тежина поради близината на Виа Егнација, патот што ги поврзувал јадранскиот брег со Константинопол. Не бил тоа некаков заборавен агол на светот. Трговци, војски, идеи…, сето тоа поминувало оттука.

Името Воден се појавува подоцна, во средниот век, како Водена (првото име се смета дека произлегува од фригискиот или античкиот македонски корен (bedu/edessa), што во превод значи град на вода или кула во вода). Со текот на времето Воден станал добро познато име на Балканот, а денес официјално тој е Едеса.

Средниот век не бил мирен. Градот неколкупати ја менувал власта почнувајќи со Византија, цар Самуил, повторно Византија, па Османлиите… Џамијата „Јени“ („Нова џамија“, 17 век), единствената сочувана турска џамија во градот, стои и денес мирно меѓу дрвјата. Иако христијани и муслимани со векови живееле еден до друг тука, денес во Воден нема постојана исламска заедница, па таа џамија е речиси единствен физички доказ за тоа.

Потоа дошол индустрискиот период, XIX и почетокот на XX век. Текстилни фабрики никнале околу водопадите, а по завршувањето на пругата Солун – Битола во 1892 година, градот станал вистински индустриски центар. Индустријата подоцна почнала да пропаѓа, фабриките се затворале, а дел од населението се иселувал. Меѓутоа, водата постепено почнала да привлекува туристи, а водопадите станале главната туристичка атракција (дел од старите фабрики денес се сегмент од Музејот на водата, така што оној што сака може да ја види и таа приказна, не само водопадите).

Има еден настан од педесеттите години од минатиот век кога властите смислиле план за голема акумулација токму на местото на кое денес паѓаат водопадите, т.е. водата да се искористи за производство на електрична енергија и помалку вода да паѓа преку карпата, со што водопадите ќе биле сериозно намалени или можеби и ќе исчезнеле. Значи, можело сето ова денес и да не постои. Но жителите се спротивставиле на планот и успеале да го спречат.

Денес, во градот има дванаесет водопади, поголеми и помали, а Каранос е најпознатиот, висок 70-ина метри. Најинтересно е колку блиску се тие до центарот на Воден. Одиш по обична градска улица, свртуваш зад еден агол и наеднаш стоиш пред парк исполнет со шум на вода. Тука има патеки и мостови и видиковци, но најубаво е кога ќе застанете сосема блиску до водопадот и ќе ги почувствувате ситните капки влага на лицето (ова најубаво се доживува преку малата пештерата кај водопадот Каранос, која е, всушност, краток пештерски премин/простор издлабен во карпата зад водопадот).

Неизбежен е и Вароши, старото маало со калдрма и куќи што личат многу на нашите староградски градби. Не е тешко да се замисли животот тука пред сто години. Енергијата заведува, како и секоја архитектура, која држи до себеси (рековме веќе дека воденци и тоа како знаат да ги бранат своите вредности).

Важна информација е и дека пред 1913 година Воден имал претежно словенско-христијанско население (во Воден се родени и многу дејци на македонското национално движење, како Ташо Мими Ајановски, Вангел Ајановски-Оче, св. Иларион Мегленски…), но изворите поинаку го именуваат ова население. Грчкиот попис денес не бележи етничка припадност, па не може прецизно да се каже колку луѓе со македонско потекло живеат овде сега.

Но нашиот домаќин Грк раскажува сеќавања кои повеќе информираат од која било статистика. Според него, користењето на македонскиот јазик почнал забележливо да се намалува во чаршискиот живот уште од 1992 до 1995 година, а вториот посилен бран на исчезнување дошол по 2018/2019 година. Денес, речиси никој јавно не му се обраќа на друг на македонски. (Инаку, според последниот официјален попис од 2021 година, Воден брои околу 18.229 жители, а целата општина приближно 27.729.)

Сега за нешто сосема практично. Просечна нето-плата за полно работно време е приближно 1.160 евра. Минималната е речиси 800 евра, со дополнителни исплати за Божик, Велигден и за годишен одмор. Горивото на пумпите не е со фиксна цена – дизелот се движи од 1,97 до 2,05 евра, а бензинот од 2,40 до 2,75 евра во зависност од пумпата. Паркингот се плаќа со локални припејд-картички, но има и бесплатни места, особено околу црквите.

Од храна… гиро, едно од најдобрите што ќе ги пробате во Грција, чини четири евра. Ручек за еден во просечна кафеана не поминува над дваесетина евра. Едно нес-кафе е двесте денари. Во „Лидл“, каде што што сè е поевтино, вода од половина литар е тринаесет центи. Векна бел леб е едно евро. Три литри масло за јадење чинат пет-шест евра. Свинско свежо месо (врат или бут) наоѓаш и за пет евра за килограм. Ражнчиња/свежи суфлаки се 4,74 евра за килограм. Јунешкото и пилешкото се малку поскапи отколку кај нас.

Доматите се 1,29 евро, дињата исто толку. Грозјето е три евра/кг, компирот 1,05. Конзервираната туна е 10,79 евра/кг, а гауда-кашкавалот 5,29 евра/кг. Два килограми фета-сирење чинат деветнаесет евра. Тегла хелманс-мајонез е 2,25 евра, килограм шпагети 1,35 евро. Омекнувач за алишта или прашок за перење, литар, односно килограм, е околу три евра. Дванаесет лименки пиво од 330 мл, со пет проценти алкохол, има и за 6,89 евра. Облеката, обувките и техниката се речиси десет проценти поскапи отколку кај нас, но има и реални, неизмислени попусти.

Работното време е според италијанско-шпанскиот модел. Освен ретки маркети и кафулиња, повеќето дуќани и локали работат од 8-9 до 12-13 часот, потоа затвораат и повторно се отвораат од 17-18 до 21-22 часот. Рестораните остануваат отворени и до полноќ. Околу пладне градот е речиси празен, како сите одеднаш да заминале некаде. По 18 часот, наеднаш, луѓето се просто насекаде.

Жителите се релативно тивки. Никаде не сретнавме нешто што личи на нападно однесување, ниту во гестикулацијата ниту во начинот на облекување. Туристи од други држави има малку, најчесто тоа се Грци од другите краишта на земјата. Градот е мал, повеќето се движат пеш, а такси е потребно само за подолги релации: до железничката станица, до периферијата или околните места. Такси-превозот чини едно евро за километар плус почетна тарифа од речиси три евра.

Меѓуградските автобуси поврзуваат кон Солун, Јаница, Аминдео, Лерин… Има и железничка станица со врски кон Солун и Лерин. За Солун возот е практичен избор. Билет со автобус до Солун чини десет евра во еден правец, со попусти до педесет проценти за студенти, ученици, лица со попреченост, социјални категории, млади до 24 години, воени лица и постари од 65 години. Со воз истата релација чини од седум до десет евра, со истите можни попусти.

Има неколку споменици што вреди особено да се споменат. Старата митрополија, црквата „Успение на Пресвета Богородица“, датира од втората половина на XIV век и била митрополитска црква во доцниот византиски период. Камениот мост „Кјупри“, саат-кулата, изградена околу 1900 година од локални мајстори, сè уште отчукува во центарот. А фолклорното друштво чува колекции и организира изложби за традицијата на градот, ако некој сака подлабоко да навлезе.

Кога го напуштате Воден, последното нешто што пак ќе го видите и чуете се водопадите. Не затоа што бараат специјален поглед, туку затоа што, едноставно, се таму, паѓаат, без разлика на сè. Токму тоа е и градот. Не се труди да импресионира, туку, едноставно, продолжува да постои таков каков што е, без разлика дали некој ќе подзастане и ќе го погледне.

МИА