Десет милијарди евра во капитални инфраструктурни проекти и инвестиции во наредните 10 години најавува Владата, во нови автопати, експресни патишта, пруги и обнова на постојните, здравствени и енергетски капацитети.

– Во текот на втората половина од годината очекуваме истовремено да се градат шест автопатски делници низ државата – рече денеска премиерот Христијан Мицкоски на брифинг со медиумите.

На автопатот Кичево-Охрид (57 километри), што се гради веќе 12 години и од кој пуштени се 34 километри, се очекува делницата од Извор до Врбјани да биде пуштена во употреба најдоцна до септември или октомври оваа година, додека делницата од Врбјани до Ботун исто така да биде ставена во функција согласно предвидената динамика на градежните работи.

– Очекуваме, според оптимистичкото сценарио, делницата од Извор до Врбјани, вклучувајќи ги и вијадуктите и тунелите, да биде пуштена во употреба до Денот на независноста – 8 Септември. Доколку има дополнителни доработки, рокот би можел да се помести до септември или октомври. Целосното пуштање во употреба на автопатот, од Кичево до излезот кај Охрид, каде што се наоѓа единствената преостаната делница што сè уште не е поврзана со автопатското решение, го очекуваме во првиот квартал од 2027 година. Потоа ќе останат уште околу три километри кои во моментот завршуваат кај селото Ботун. Тие три километри треба да се приклучат на делницата од Букојчани, каде што завршува проектот на „Бехтел и Енка“, до точката на поврзување со постојниот автопат. Тоа се приближно 10 километри. Договорот со заемодавачите е потпишан, средствата се обезбедени, тендерската постапка е завршена и избрана е компанија што ќе ги изведува градежните работи. Во моментов се чека конечна согласност од заемодавачите, по што ќе следува период за евентуални жалби и понатамошни процедури, рече Мицкоски.

Тој потсети дека договорот за заем со кинеската „Ексим банка“ за овој проект беше раскинат поради што државата со домашните банки формираше банкарски синдикат и обезбеди 175 милиони евра за негово завршување. Со овие средства се предвидува целосно завршување на автопатот Кичево–Охрид, вклучувајќи ги споредните патишта, оградите, банкините, сигнализацијата, како и целокупната контролна и безбедносна опрема во тунелите. На тој начин се очекува проектот конечно да биде комплетиран.

И со дополнителното финансирање, како што посочи Мицкоски, цената по километар останува пониска од цената на делниците на Коридорот 8 и Коридорот 10, што ги реализира конзорциумот „Бехтел и Енка“.

За автопатската делница Букојчани – Кичево, проект што се финансира со заем од Европската банка за обнова и развој, во вредност од околу 220 милиони евра, веќе е избран најповолен понудувач за изградбата и се очекува Банката да даде конечен одговор по завршувањето на целата постапка. Доколку процедурите се одвиваат според планот, се очекува во септември или октомври да започнат градежните активности на терен.

За изградбата на вториот дел од автопатот Блаце-Скопје, пак, завршена е евалуацијата, избран е понудувач, има жалба која во прв степен е одбиена, во тек е второстепена постапка и се очекува разврска. Се очекува неделава да има повратна информација и месецов или почетокот на следниот месец да почнат работите на терен. Вкупниот буџет изнесува 215 милиони евра, исто така од ЕБРД.

Од проектот со конзорциумот „Бехтел и Енка“, со кој во тек е изградба на три автопатски делници, (Тетово-Гостивар, Гостивар – Букојчани и Прилеп – Битола) кон крајот на месецов треба да стане појасно како ќе се одвиваат активностите на делницата Требениште – Ќафасан.

– Доколку работите се одвиваат според планот, очекуваме првите 11,5 километри од делницата Прилеп – Битола да бидат пуштени во употреба во основно автопатско решение до септември 2027 година, рече Мицкоски, повторувајќи дека за проектот со „Бехтел и Енка“ Владата затекнала состојба во која биле исплатени околу 350 милиони евра авансно, а две години практично немало значителен напредок на терен. Направени се законски измени и обезбедена е поодржлива финансиска конструкција. До крајот на годината финансиската конструкција за проектот е затворена.

– Во консултација со менаџментот на проектот и со изведувачот, предвидено е во 2027, 2028 и 2029 година да се реализираат по околу 250 милиони евра годишно. Тоа е приближно 15 милијарди денари годишно и, според нивните проценки, претставува реален капацитет за изведба. Доколку останат помали активности по 2029 година, тие би се завршиле во текот на 2030 година. Во моментов се водат разговори за продолжување на роковите за реализација, бидејќи во првите две години од потпишувањето на договорот практично немало значителен напредок, иако одредени обврски биле на страна на државата, информира претседателот на Владата.

Очекува во наредниот период да се обезбеди целосно финансирање за преостанатите три години од реализацијата на проектот, наместо секоја година повторно да се обезбедуваат средства. Тоа би значело дополнителни околу 900 милиони евра за целосно завршување на проектот.

Се преземаат активности да се работи со домашните компании, со цел поголем дел од средствата да останат во македонската економија.

Во делот на експресните патишта, започнато е проектирање на делницата Кочани – Виница – Делчево, како дел од пошироката стратегија за модернизација на патната инфраструктура во источниот дел на државата. Проектот е во вредност од околу 120 милиони евра.

– Со ова практично на Коридорот 8 ќе му пристапиме од три страни во источниот дел на државата.
Едната делница е кон Крива Паланка, а тука е и експресниот пат што треба да овозможи заобиколување на Куманово, односно поврзување на автопатот кај Романовце со Страцин. Овој проект е дел од Планот за раст и средствата за него се обезбедени токму преку тој механизам. Во моментов двете делници се во фаза на подготовка и планирање, укажа Мицкоски.

Во железничката инфраструктура, клучните проекти се модернизацијата и изградбата на пругата на Коридор 10, за која работа на терен премиерот најавува најдоцна до крајот на годината, а на Коридор 8 изградбата на пругата кон Бугарија, делниците Куманово-Крива Паланка, чија изградба е во тек, како и Крива Паланка-граница со Бугарија со меѓуграничниот железнички тунел, за што се уште нема работа на терен. Исто така и модернизација на пругата Скопје-Кичево на Коридор 8.

Од пругата кон Бугарија, за втората делница од Куманово до Крива Паланка, изведувачот бара да се продолжи рокот за изградба до 2028 година. Остануваат уште околу 125 милиони евра работи што треба да се реализираат, поради што најверојатно ќе биде потпишан анекс на договорот. Анексот се однесува на зајакнување на постојните столбови на мостовите, кои со години стојат како споменик на недовршениот проект. Првичните проценки биле дека нивно уривање и повторна изградба би чинеле дополнителни 150 милиони евра. Заедно со експерти од Градежниот факултет анализирани се алтернативни решенија и дојдено е до значително поекономичен пристап. Развиена е технологија со која столбовите можат да се зајакнат без да се наруши носивоста и стабилноста на конструкциите. На тој начин се избегнува непотребен трошок од околу 150 милиони евра за уривање и повторна изградба.

Добрата вест, вели премиерот, е што тунелите веќе се пробиени и започнуваат работите во нивната внатрешност и делницата од Романовце до Крива Паланка постепено влегува во поинтензивна фаза на реализација.

За третата делница беше потпишан Договор со Бугарија, обврската во македонскиот дел е трасата од Крива Паланка до влезот на големиот прекуграничен тунел, а бугарската страна е одговорна за делницата од излезот на тунелот до Софија.

За жал, посочи премиерот, освен потпишувањето на договорите, засега нема значителен теренски напредок на бугарска страна. Европската Унија покажува напредок бидејќи се очекува тунелот да биде финансиран преку ИПА средствата.

– Ние и Брисел си ја вршиме работата, тие веќе имаа тендер, но од бугарска страна нема прогрес кога станува збор за оваа делница, можеби ќе има, тие сега даваат приоритет на железничките врски кон Бургас и Варна. Кај нас е активирана техничка асистенција и се работи на финализирање на последните детали од договорната документација. Од тендерот е исфрлен тунелот, како и компонентите за сигнализација и дигитализација. Европската банка за обнова и развој и Европската инвестициска банка треба да дадат согласност за предложените измени. Станува збор за грант-компонента од околу 150 милиони евра, рече Мицкоски.

Доколку сè се одвива според планот, договорот би требало да биде потпишан најдоцна до ноември годинава, а овој месец или најдоцна следниот да се објави тендерот за изведба.

На западниот дел од Коридорот 8, за модернизација на железничката пруга до Кичево, активностите ќе се одвиваат преку Реформската агенда, односно средствата што првично беа предвидени за Коридорот 10 се пренасочени кон западниот железнички крак на овој коридор.
Веќе се подготвува изработка на тендерската документација за модернизација на делницата Скопје -Јегуновце-Тетово- Гостивар. Вредноста на проектот е околу 284 милиони евра.
Средствата се обезбедени преку Планот за раст, а потребно е само да се финализира документацијата за да може да започне тендерската постапка. Со проектот е предвидена целосна модернизација на пругата, замена на шините и електрификација.

Во однос на Коридорот 10, при крај е предфизибилити студијата и целокупната документација потребна за да започне со реализација Договорот потпишан со Обединетото Кралство. На состаноците присуствувале и претставници на банката која е потенцијален заемодавач и од која има необврзувачка финансиска понуда.

– Доколку сè се одвива според планот, очекуваме најдоцна до крајот на годината да започнат и првите активности на терен. Вкупната вредност на проектот е околу 1,8 милијарди евра, рече Мицкоски, посочувајќи дека со неговата реализација, патничките возови на релацијата Табановце – Гевгелија ќе можат да сообраќаат со брзина до 160 километри на час, додека товарните композиции меѓу 100 и 120 километри на час.

Во исто време, посочи, интензивно се работи на проширување на капацитетите на пристаништето во Солун и според нивните проценки товарниот сообраќај би можел да се зголеми најмалку петкратно во однос на сегашното ниво.

За хидроенергетскиот проект „Чебрен и Галиште“ сериозно се размислува и блиску е до носење стратешка одлука државата самостојно да го реализира, без приватен партнер.

– Конечната одлука ќе зависи и од состаноците што се одржуваат во рамките на ЕСМ. Нашите пресметки покажуваат дека внатрешната стапка на поврат на инвестицијата е над 10 проценти, што го прави проектот економски оправдан, наведе Мицкоски, посочувајќи на придобивките од акумулациите што би се создале со изградбата како значаен ресурс за водоснабдување и управување со водните ресурси имајќи ги предвид климатските промени и глобалното затоплување.

Откако ќе се финализира физибилити студијата, ќе се избере изведувач по принципот „проектирај и изгради“. Вредноста на инвестицијата се проценува на околу една милијарда евра.

Паралелно со овие активности, од Владата посочуваат дека се во преговори со 15-ина компании за инвестиции. Германска мултинационална компанија веќе формирала правно лице во државава и резервирала парцели за изградба на две фабрики. Американска компанија, која се наоѓа на листата Fortune 500, резервирала четири индустриски парцели, исто така основала локална компанија и започнала активности за вработување. Турска компанија која веќе работи во Технолошко-индустриската развојна зона во Тетово, пак, планира ново проширување преку изградба на дополнителен производствен погон.

– Сите овие инвестиции треба да генерираат градежни активности во вредност од најмалку 300 милиони евра, велат од Владата.

Во здравството, меѓу најважните проекти се Клиничката болница во Штип, новиот медицински факултет со студентски дом, како и Клиничката болница во Тетово и Здравствениот дом во Кичево. Вкупната вредност на овие проекти изнесува околу 200 милиони евра.

– Кога ќе се соберат сите проекти – автопати, железничка инфраструктура, енергетски капацитети, здравствени установи, индустриски инвестиции, пречистителни станици, експресни патишта и останати капитални проекти – вкупната вредност на планираните и тековните инвестиции достигнува околу 10 милијарди евра што треба да се завршат во следните 10 години, или милијарда годишно, посочи Мицкоски, оценувајќи дека ќе се постигне раст на БДП од над 5 проценти.

Сето ова, подвлече тој, претставува сериозен развоен потенцијал за државата во наредните години.

Доколку економските состојби во Европската Унија, нашиот најголем трговски партнер, покажат подобрување и европската економија расте со стапка од 1,5 до 2 проценти годишно, тогаш Македонија има реални можности да остварува економски раст над 5 проценти. Во услови кога растот кај нашите главни трговски партнери е под 1 процент, а во некои случаи изнесува 0,6 или 0,8 проценти, нашата економија бележи раст од околу 3,5 проценти, додека во првиот квартал годинава растот изнесуваше 3,3 проценти.