Премиерот Христијан Мицкоски вечерва вели дека за изградбата на железничката инфраструктура кон Бугарија на Коридорот 8 има проблем на патот кон Кратово кај столбовите кои стојат веќе неколку години а се 50 проценти од проектот. Изведувачот бара да се урнат, што според Мицкоски, би не чинело многу поскапо и се бара друго решение кое би било побрзо и поевтино.

-Коридорот 8, зависи за што зборуваме, дали за патна инфраструктура или за железничка. Во Албанија за железничка не е направено ништо. Ние со пруга генерално сме затворени до Кичево, зборувам од Скопје до Кичево дел од Коридорот 8, потоа од Куманово до Бељаковце и од Бељаковце сега се гради втората секција до Крива Паланка. Тука е потпишан договор. Нема да коментирам како е потпишан, што е потпишан итн. Таму има проблем во делот на, сите ќе се сетите дека таа пруга е ветувано уште од времето на Бранко Црвенковски кога е премиер. Кога ќе одите кон Кратово, по патот има едни столбови кои што ги гледате кренати како носачи и стојат така зјаат празни. Тие се стари повеќе од 25-30 години. Изведувачот вели, а тоа му го овозможила тендерската документација кога е поднесуван тендерот, најдобро е да ги урнеме и од почеток да градиме ново или пак да ги доработиме на начин на кој што ние сметаме и потоа да продолжиме со проектот, бидејќи тие столбови се практично 50 проценти од проектот, другото е тунел 30 проценти што е во ред и останатото е рамен дел околу 20 проценти. Овие 50 проценти е главната дилема. Ако прифатиме тоа што изведувачот го предлага, тогаш треба да го дуплираме проектот. Дали имаме право на тоа? Немаме право. Затоа што ќе ја направиме убедливо најскапата пруга во историјата на железниците. Дури и она на Алпите нема да чини толку колку што би чинело нашето. Не по наша вина. Ќе повторам, но тоа е наследство од минатото и вие морате со тоа да се носите. Затоа, со Градежниот факултет, директорот на Македонски Железници и Инфраструктура, министерот за транспорт работат континуирано, многу напорно за да обезбедиме техничко решение кое што ќе биде брзо и евтино, а да биде задржан квалитетот, рече Мицкоски.

Премиерот нагласи дека постои проблем кај третата делница што треба Крива Паланка да ја поврзе до границата со Бугарија, бидејќи, како што потенцира, таа завршува на граница што ја поврзува тунел кој е на половина на наша страна а половина на бугарската страна.

-Постои третата делница која што треба Крива Паланка да ја поврзе до границата со Бугарија и тука е проблемот. Зошто е тука проблемот? Затоа што таа завршува на граница а границата ја поврзува еден тунел кој што е половина во наша страна а половина во страната на Бугарија. Проектот завршува на пола тунел. Вие, замислете треба да потрошите пола милијарда евра за 22 километри пруга, од Крива Паланка до половина тунел ќе заврши на пола тунел. И ние рековме, чекајте дечки ние не сме толку богати да ги трошиме овие пари, тоа се пари на граѓаните. Ајде да седнеме да се разбереме, да видиме дали бугарската страна воопшто сака нивната половина да ја изгради и дали воопшто сака од нивната половина да ги изгради тие два-три километри да се приклучи на постојната пруга и дали воопшто сака да ја модернизира постојната пруга од Ѓуешево до Софија, бидејќи ставија приоритет на друга пруга за модернизација тоа е од Софија до Бургас, а со Договорот потпишан во Вашингтон на НАТО Самитот во 2024 година се обврзаа дека ќе го градат Коридорот 8, и тие и Албанија. Од друга страна, Албанија немаат мрднато со прст. Тие сега прават пруга кое ќе ги поврзе Бари и Драч. Ние велиме дека ние сакаме и нас тоа ни е главен приоритет, со должна почит ќе ги поврземе Куманово и Крива Паланка за возови да сообраќаат од еден до друг град, но сепак нашиот интерес се во карго транспортот, дајте да видиме ако треба да ги трошиме овие пари барем да има и од другите две страни исто така коминтмент, односно обврска дека и тие ќе градат нешто, рече тој.

Мицкоски нагласи дека постои комплетно игнорирање на бугарската страна и оти се подготвени да прифатат како што ќе кажат тие само за да се изгради.

-Овој викенд што следи има министерски состанок во Истанбул на министрите за транспорт на земјите од регионот и од Европа, и замислете бугарскиот колега нема да оди откако дознава дека нашиот министер и потпретседател на Владата ќе оди. А целта е да се разговара за овие коридори. Ние имаме комплетно бојкотирање од таа страна и игнорирање на овој проект. Ние сме подготвени било каде да седнеме и да прифатиме тие како ќе кажат, само нека градат, бидејќи наш приоритет е затоа што Коридорот 8 приоритетен за НАТО, ги поврзува Јадранско и Јонско море со Црно море заедно со Коридорот 10, ќе ја составиме оваа стратешка целина за нас како држава за идните генерации да им оставиме капитал. Велиме како тие сакаат, ќе прифатиме, само нека градат и тоа не го прифаќаат, рече тој.

Околу патната инфраструктура, Мицкоски потенцира дека Коридорите 10 и 8 од наша страна ги имаме затворено.

-Во делот на патната инфраструктура,  имаме експресен пат до Крива Паланка горе е реконструиран до Гоешево, ваму имаме до Струмица и до Кочани. Автопатот од Врбјани до Охрид минус Ботун четирите километри ќе го пуштиме, ќе се прават клучките кон селата на 12 јули. Тешко ќе оди изградбата на клучката од Требениште на кај Ќафасан. Зошто? Затоа што е дел од УНЕСКО, не дозволуваат да се гради. Даваме некоја опција старите два патни правци кои ги поврзуваат Охрид и Струга да бидат во една насока. Бараме некоја модификација. Ако веќе тоа пречи, барем овие да се реновираат и да се направат барем да стигнеме до Струга па ќе видиме како до Ќафасан и со тоа ние Коридорот 8 генерално ќе го затвориме. Коридорот 10 и 8 за нас го имаме затворено од наша страна, рече премиерот Мицкоски.

Фото: МИА Архива