Ќе бидам разочаран и навреден како граѓанин ако единствена тема со тројцата дипломати е уставните измени, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на новинарско прашање што ќе им каже на средбата со министрите за надворешни работи на Австрија, Чешка и Словачка Александер Шаленберг Јан Липавски и Мирослав Влачовски кои попладнево треба да се сретнат со пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и со раководството на партијата.
-Дипломатска офанзива и разговори на тема уставни измени имаме цела година, не е тоа нешто ново за што претпоставувам дека ќе разговараме. Би бил разочаран ако единствено нешто за коешто овие тројца високи гости дошле во Македонија се уставните измени. Ако навистина го почитувате овој народ и граѓаните и ако сакате европска иднина и перспектива на Македонија тогаш малку повеќе треба да посветиме внимание на криминалот и корупцијата, на реформите… – изјави Мицкоски.
Тој рече дека е подготвен со секого да разговара за да ги подобрат состојбите во земјава во повеќе области.
– Ако некој доаѓа овде да разговара само на тема уставни измени тогаш навистина ќе бидам разочаран и навреден како граѓанин на Македонија, бидејќи на сите анкети граѓаните уставните измени не ги ставаат ниту во првите 10 приоритет, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
За изјавите на власта дека ќе обезбеди двотретинско мнозинство за уставните измени Мицкоски рече дека власта година дена се занимава со таа тема.
-Јас јавно ја затворив таа тема. Измина повеќе од една година, тие велеа дека јас сум проблемот имаа година дена да најдат еден кој ќе гласа за уставните измени, имаа неколку решенија коишто ги понудив изминатава година, а тие ги одбија. Сега на маса е само една работа да седнеме и да се договориме за терминот за следните парламентарни избори. Се останато се рибарски приказни и фантазија на власта, вели Мицкоски.