Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека покрај со лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче за реформската агенда подготвен е да разговара со лидерите на опозициските партии застапени во Парламентот, бидејќи вели станува збор за заеднички проект гласан од сите.
-Ги чекаме имињата да ги достават од страна на СДСМ во двата сектора – владеење на правото и во делот на енергетиката. Тоа беа двете теми за кои од страна на Венко Филипче беше изразена желба да учествуваат со свои претставници во изготвувањето на реформските закони, бидејќи тие во суштина се дел од реформската агенда. Кога ќе ги добијам, можеби тоа прашање треба до нив да го упатите. Инаку, тој побара средба со мене, кога ќе побараат и другите политичките партии од опозицијата би разговарал и со нив во иста насока. Реформската агенда е заеднички проект, заеднички се гласаше, така што очекувам конструктивност од сите полиитички чинители во Парламентот, рече Мицкоски на новинарско прашање за средбата со Филипче, дали очекува конструктивност од него во определбата за реформската агенда и кога може да се очекуваат првите чекори во насока на тоа што е договорено.
Мицкоски му го честита реизборот на Филипче за претседател на СДСМ, но не сакаше да ја коментира неговата изјава дека Владата не направила ништо за овие 10 месеци
-Имајќи предвид дека е ова владина говорница, јас би му го честитал реизборот и да му посакам успешна работа како претседател на СДСМ, рече премиерот Мицкоски.
Прашан за тоа што разговарале со Филипче за случаите со Беса транс, Модуларната болница и Ласкарци, тој кажа оти смета дека е потребно нивно повторно разгледување, оти вели, се чини дека биле „заташкани“.
-Кога зборуваме за објективна истрага и одговорност, тогаш ќе треба за сите оние случаи кои што во минатото беа набрзина завршени, или народски кажано заташкани, да ги разгледаме повторно. Да видиме дали и како е стигнато до таа правда за која досега, барем во дел од случаите се завршени само во прв степен, се уште во втор степен не се завршени. Ако вистински сакаме ресет тогаш ќе треба тоа да го направиме на сите нивоа и да ја видиме одговорноста и во тие случаи – и во случајот Ласкарци, и во Беса транс, и во Модуларната болница… Има многу прашања кои што треба да бидат одговорени, ако навистина сакаме отчетност, затоа што тие случаи кога се случија завршија со нула приведени, додека во случајот во Кочани досега има 34 и огромен број на пооранешни и сегашни официјални лица се повикани од страна на Обвинителството преку МВР на информативен разговор, нагласи претседателот на Владата.
Тој посочи на идејата, односно иницијативата во рамки на Парламентот да се формира анкетна комисија за случајот Кочани која би ги разгледала и случаите со Беса транс, Модуларната болница и Ласкарци.
-Ние и нашата пратеничка група предложи и стои на тоа да се прошири и за овие други три случаи, така што таму може да има јавна дебата, да се разговара, да се отворат сите аргументи и сето тоа што претставува сомнеж таму да биде презентирано, вели Мицкоски
Тој потврди дека постои политичка волја да се даде поддршка да се расчисти и со овие три случаи.
-Со сите, нема простор повеќе за импровизација, мора со сите да се расчисти и јавноста сето тоа да го набљудува, инаку нема да имаме напредок. Ќе ни се повторуваат овие работи, убеден е премиерот.
За тоа дали може да се очекува со истрагата да бидат опфатени и актуелни владини функционери, односно одговорни функционери во полицијата и други институции и дали тие би поднеле оставка од морални причини, Мицкоски кажа дека е тоа работа на Обвинителството.
-Истрагата ја води Јавното обвинителство, а не Владата, и тоа е прашање за Јавното обвинителство. Ако цените дека јас треба да поднесам оставка од морални причини нема проблем тоа да го сторам, рече премиерот Христијан Мицкоски.
Министерот за звдарвство и еден од лидерите во коалицијата Влен Арбен Тараваи изјави дека се согласува со премиерот дека е потребно случајот во Кочани, како и тие со Беса транс, Ласкарци и Модуларната болница и да се решат за да се спречи повторување на вакви ситуации во иднина.
-Апсолутно се согласувам со Премиерот. Ова се четири трагични случаи со над 100 жртви за пет години. Ако сакаме да не ни се повторуваат треба да ги решиме, па тогаш ќе има ред и поредок и нема да се повтопруваат, рече Таравари.
Фото: Принтскрин