Претседателот на Владата на Република Македонија Христијан Мицкоски денеска ја посети Општина Битола.
Мицкоски присуствуваше на почеток на реконструкција на зградата на поранешното кино „Партизан“ во Битола при НУ Народен театар Битола.
-Генерално и министерот и градоначалникот кажаа што е цел на денешната работна посета, но има уште една значајна цел, а тоа е одбележување на 35 годишнината на ВМРО-ДПМНЕм денес ќе имаме централен настан овде во Битола. Денеска ќе ги посетиме сите овие објекти за кои што зборуваше и министерот и градоначалникот, сега сме на првиот. Убеден сум дека ова ќе значи додадена вредност на квалитетот на живот во Битола, изјави Мицкоски.
Мицкоски изрази благодарност до градоначалникот Коњановски на посветената работа досега.
-Се разбира очекувам да поведе на локалните избори уште во првиот круг, успешна работа и во иднина, мнозинство во советот која ќе биде како додадена вредност во квалитетот на работа, а не како до сега да ја кочи работата на градоначалникот, по која било цена. За жал, поради тие опструкции и тоа кочење не сме во можност да почнеме уште еден долгоочекуван проект, а тоа е спортската сала. Но, се надевам дека во следниот мандат и тоа ќе го отпочнеме, потенцира Мицкоски.
Натаму додаде:
-Топлификација се завршува, се почнува пречистителна станица, 15-тина милиони во улици, булевари, паркови, училишта, градинки, влезот во Битола, еве и ова што го спомна министерот, овде што е позади нас, старото кино. Така што генерално, кога сè ќе се изанализира и собере повеќе од 100-тина милиони евра, влегуваат сигурно во Битола во периодот што следи. Да се заблагодарам на администрацијата во Општината што ја следи работата, на советниците што ја поддржуваат работата на градоначалникот, на пратениците во македонскиот Парламент, колегите во Владата. Битола е во рамките на нашиот периметар на најголем фокус, така било, и така и ќе остане, потенцираше Мицкоски.
Вредноста на договорот е 96.000.000 денари, додека рокот на реализација е до декември 2026 година.