Денеска на мое големо задоволство во организација на Меѓународниот републикански институт заедно со невладиниот сектор и дел од членовите на Владата имавме можност да поразговараме за една тема која што претставува акутен проблем за нас како држава, а тоа е високото ниво на криминал и корупција и борбата против ова високо ниво на криминал и корупција. А како дополнување зборувавме и за доброто владеење, нешто кое што исто така претставува императив за оваа Влада. Се надевам дека во периодот кој што следи сите овие разговори ќе имаат свој ефект врз работењето на Владата, да бидам по прецизен убеден сум, бидејќи од страна на Владата постои огромна желба, но истовремено и посветеност токму кон овие проблеми кои што се акутни во Македонија како држава.
Ова го истакна премиерот Христијан Мицкоски, кој воедно и изрази голема благодарност до Меѓународниот Републикански Институт кој што го фасилитира овој процес.
-Уште еднаш да го појаснам односно да го изразам задоволството на Владата што може да присуствува и да разговара со невладиниот сектор, бидејќи борбата со криминал и корупција мора да биде одлучна, без да победиме во таа борба не можеме да имаме развиена држава, не можеме да имаме подобри услови и подобар стандард на граѓаните.
А нас, како Влада цел ни е да направиме се што е во наша моќ да обезбедиме подобри услови за живот, но, и подобар стандард на нашите граѓани, бидејќи тоа е она кое што граѓаните од нас го очекуваат и тоа е она за кое што граѓаните гласаа неколку месеци и на претседателските и на парламентарните избори.
Заедно со невладиниот сектор, заедно со Меѓународниот републикански институт убеден сум дека ќе направиме многу, додава Мицкоски.