Ме боли егзодусот на најумните и најкомпетитивните, би сакала да се враќате дома од најпрестижните унивезрзитети. Вие, студентите, сте промотори на критичката мисла, мост меѓу сегашноста и иднината. Без вашиот збор „зошто“ нема напредок, без вашето сомневање нема вистина, вие го движите општеството, рече вечерва претседателката Гордана Сиљановска Давкова во обраќањето на настанот по повод Меѓународниот ден на студентите.
Како што оцени претседателката, Македонија има иднина само ако најдобрите дојдат на вистинските места.
-Вие, студентите, сте строги и одважни критичари, трагачи по вистината, носители на прогресот. Вие сте интелетуални архитекти на новото, сократовци колку и вашите учители, размислувате и терате на размислување. Оваа држава треба да се бори за вас. Стојам зад вашите стремежи за знаење, борбата за правда и просперитетна иднина, потенцира Сиљановска Давкова.
Меѓународниот ден на студентите, напомена претседателката, е празник на храброста и силата, на младоста, на оние кои низ историјата не се плашеа да се спротивставуваат, да се борат за идеалите и да умираат за нив.
Слична порака упати и премиерот Христијан Мицкоски според кој, образованието не е само патека кон индивидуален успех, туку и катализатор за општествени промени, рамноправност и прогрес.
-Вие сте оние што ќе го водат нашето општество кон подобра иднина, вие сте тие што ќе направат разлика на факултетите, во заедниците, во целата држава. Вашите проблеми се наши приоритети. Владата е решена да ви даде силна поддршка да ви создаде услови во кои вашиот труд, талент и амбиција ќе можат да блеснат. Нашата визија за младите е едноставна, да создадеме систем што ќе ви даде можност да се развивате без ограничувања и бариери, подвлече Мицкоски.
Важно е, дополни, да се пренесе пораката дека образованието е најважната алатка преку која ќе се водат процесите во иднината.
-Колку тоа образование е посилно и помоќно, толку во помоќна и посилна држава ќе живееме, а целта на сите нас е да ја направиме државата силна, моќна, Македонија да биде онаква каква што мојата генерација сакаше да биде затоа што колку е таа посилна толку и мојот дом, вашиот дом е повеќе вреден. За бизнисмените и за оние студенти од Економскиот факултет кои утре ќе формираат сопствени бизниси и ќе бидат претприемачи, толку нивниот бизнис ќе биде повреден, колку што е државата послаба, опустошена, ограбена, осиромашена, толку и мојот дом е помалку вреден или би рекол безвреден, толку и нашите бизниси се помалку вредни би рекол безвредни, рече премиерот.
За него патриотизам се, нагласи, индивидуи со големо искуство, силно образование и многу знаење.
-Сите ние во одредени моменти во нашите животи сме имале можност или понекогаш од револт сме сакале да го спакуваме нашиот живот во еден куфер и да заминеме што подалеку од овде. Не било лесно и ние нашите професионални кариери сме ги започнувале можеби под очекувањата онакви какви што ни биле кога сме биле студенти. Можеби сме очекувале дека таа сурова реалност наречена живот ќе биде со нас помила и понежна и дека можеби ќе не’ погали од самиот почеток. Но, за жал реалноста не е таква. Реалноста е дека треба да се борите секој ден и дека животот е борба и таа борба можете да ја водите дома, таа е поинспиративна бидејќи се борите за сопствената татковина, но можете да бидете некаде таму далеку и да се борите за туѓи бели дворови и за туѓи татковини. Мојот совет до вас е – останете дома и заедно да се бориме, да се избориме за оние што доаѓаат по вас, заедно да се бориме за онаа Македонија каква што сакаме да ја видиме бидејќи само така можеме и ние да бидеме среќни и бидејќи само така можеме да успееме, рече Мицкоски.
Тој и во оваа прилика ја спомна потребата од поголем наталитет, апелирајќи дека мора сите да се бориме „а полна држава со млади луѓе, за многу деца во градинките, за многу деца во училиштата, за многу млади луѓе на универзитетите“.
-Тоа значи брачна заедница помеѓу сопруг маж и сопруга жена. Тоа значи дека само така можеме да бидеме држава и општество кое ќе се развива. Не бегајте од таа обврска која во суштина претставува се во вашите животи, зашто формирањето семејство, многудетно семејство значи патриотски чин, истакна Мицкоски.
Министерката за образование Весна Јаневска ги повика студентите да продолжат да вложуваат во себе и тука да ги остварат своите соништа.
-Сите ние од државното раководство имаме идентична цел и сплотени заложби – да имате доволно можности за развој на личниот потенцијал, да ги остварите вашите амбиции во родното огниште и да придонесете во градењето силна и просперитетна Македонија. За жал, некој пред нас, ја исели државата. Цели градови и села, останаа празни. Револтот од негрижата на оние кои народот ги одбрал нешто да сработат, резултираше со речиси 17 илјади ученици и 7 илјади студенти помалку за период од 7 години. Ова ќе го запреме, нагласи министерката.
Таа се осврна на изминатите четири и пол месеци во кои, потсети, беа прифатени повеќе барања на студентските организации.
-Овозможивме да се прошират студентските права и можности. Овозможивме бруцоши да користат субвенциониран оброк од први октомври, што не беше така до лани. Направивме промена на конкурсните услови за повеќе категории на стипендии да може да конкурираат што повеќе млади. За стипендиите за втор циклус на студии во државата, овозможивме да аплицираат и студенти со завршени тригодишни додипломски студии, кои до лани беа дискриминирани на некој начин. Започнавме етапна реконструкција на студентските домови. Тоа е процес кој ќе потрае, но верувам дека ќе имате трпение. Ако има студенти од ФИНКИ и ФФК, да ги израдувам дека од следна година ќе продолжи изградбата на новите згради за нив, рече јаневска.
Најави и уште многу нови инвестиции, подобри услови за високо образование и повеќе права и можности со новите закони за високо образование и за студентски стандард.
-Од следната календарска година, поточно за месец и половина отсега, за дополнително да ви го олесниме студирањето, обезбедуваме поголем буџет за студентски стандард во однос на годинава – 30 милиони евра, за 18 отсто повеќе од 2024. Тоа е нашата честитка кон вас по повод Меѓународниот ден на студентите. Не празни зборови, туку конкретни дела, подвлече Јаневска.
На настанот беше промовирана платформата Линкер која претставува, како што беше речено, мост меѓу студентите и бизнисите. Студентите во оваа прилика побараа од креаторите на политиките да бидат слушнати нивните гласови, иновативни предлози и визии за иднината, како и да бидат дел од процесот на донесување одлуки,
фото/видео: МИА