Премиерот Христијан Мицкоски денеска истакна дека растот од 9,4 отсто на индустриското производство во мај, споредено со мај минатата година и раст на 9 отсто на преработувачката индустрија во мај е нешто коешто навистина е многу важно за македонската економија
-Да, исклучително сме задоволни, бидејќи индикаторите, посебно во вториот квартал, почнуваат конечно да покажуваат раст. Значи оној период на стабилизација на македонската економија, сега е проследен со раст. Токму една од причините за таквиот раст е и работата на компании слични на Реплек, каде што сме денеска. Да го поздравиме сето ова што го прави менаџментот тука и да ги охрабриме да продолжат во таа насока, истакна Мицкоски одговварајќи на новинарско прашање по свеченото отворање на нов производствен капацитет на „Реплек“.
Тој нагласи дека ако се се земе периодот од почетокот на годината заклучно со мај месец, значи првите пет месеци споредено со истиот период лани, растот е 3,3 отсто, а кај преработувачката индустрија 4,5 отсто.
-Така што можам слободно да заклучам дека периодот на консолидирање и стабилизација е завршен, сега почнуваме преку овие индикатори да генерираме раст. Туризмот расте со повеќе од 20 отсто и расте индустриското производство, растат инвестициите и така натаму. Ценам дека вториот квартал, би требало да имаме исклучително висок раст на македонската економија, рече Мицкоски. ац/са/
Фото: МИА архива