Премиерот Христијан Мицкоски денеска од собраниската говорница повтори дека Македонија е неговата земја и дека секогаш ќе биде, и дека почитувајќи го државниот интерес кога давал заклетва ја кажал придавката Северна.

– Не можете вие мене да ми кажете како јас да ја нарекувам мојата земја и што да кажувам. Мојата земја сум кажал дека е Македонија и ќе биде Македонија. Во интерес токму на оној државен интерес и слично кога давав заклетва ја спомнавме придавката за да не дојде до некои други компликации. Инаку нема да слушнете поинаку, барем додека јас сум премиер, рече Мицкоски на пленарната седница на опозициски прашања.

Тој одговараше на прашање на пратеникот Скендер Реџепи Зејд, кој зборуваше за употребата на уставното име во контекст на евроинтеграциите, но и за скандалот со Соравија и други.

– Дали го почитувам Уставот? Да, го почитувам Уставот, и токму при заклетвата кога ја давав како мандатар на Владата ја спомнав придавката дека го почитувам Уставот, а на оваа говорница можам и согласно Уставот да си кажувам она коешто мислам дека можам да го кажам и тоа е слобода на говор, рече Мицкоски.

Прашањето на Реџепи, Мицкоски го гледа во контекст на претстојните локални избори.

– Јас сум збунет со вашето обраќање денеска освен што видов дека сте жестоко мотивиран за кампањата која што ќе почне и претпоставувам дека го почитувате она добро е да се учествува не да се победи. И се надевам дека ќе постигнете исклучително квалитетен резултат, рече Мицкоски.

Во контекст на делот кога пратеникот Реџепи ја спомнува приватизацијата од 90-тите, Мицкоски рече дека таа за неа е криминална приватизација.

-Еве јас ви кажувам не како Македонец. Да е криминална приватизација. И тоа можам да ви го кажам. Но, исто така дали можам нешто да сторам по тоа прашање што се случило пред 30 и неколку години, не можам и затоа оставете ја таа фолклор реторика на страна, видете што можете да направите, рече премиерот Мицкоски.

Праша што направиле тие додека биле во Владата од 2002 година по прашањето на приватизацијата во Македонија.

-Јас нема да се обраќам ниту на Македонци, Албанци, Срби, Турци, Роми, Власи, на никому, јас го гледам тоа како процес, не како етничка работа. Еве вие го гледате како етничка работа. Што направи по тоа прашање ДУИ во изминативе 22 години додека беше влада. Имаше министри за правда, за економија, за финансии, за надворешни, за одбрана, дури и премиер имаше. Што направи по тоа прашање. Ништо, нула. Туку се уортачи со истите тие и како резултат на тој ортаклук играа фудбалчиња не за да се разодонуваат или да се растегнуваат во канцелариите од напорната работа, туку како резултат на тој ортаклук се случи фудбалчето како резултат на тој ортаклук со тие што направија таква приватизација се случи Соравиа, се случија инстант фирми за јаглен коишто преку ноќ стануваа милионери, се случи сватовски возен парк од милиони евра каде што се возеа мерцедес автомобили…, рече Мицкоски.

Што се однесува до Соравиа, рече тој, претпоставува дека на следната седница во Парламентот пратеникот ќе каже дека тоа била некоја детска игра.

-Детето си заиграло и решило оп трговски да си купи, рече Мицкоски.  (МИА)