Спроведувањето на пописот е проблематично, оцени лидерот на опозоциската ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски од Тетово каде што беше во посета на семејство чија мајка го изгубила животот во пожарот во модуларната болница. Според него, власта нема способност за успешна реализација на пописот.
-Од она што знам има многу турбуленции многу недостатоци во системот, системот паѓа, луѓе ги враќаат, ја враќаат опремата, бројката и динамиката која што се спроведува на терен од оној лимитиран број на информации кои што ги добиваме неофицијално се разбира не гарантира успешно спроведување на оваа статистичка операција. Тоа е резултат на неспособна институција и Влада затоа проблемите не треба да ги одлагаме туку хируршки и прецизно да ги отстраниме а тоа ќе се случи на овие локални избори, истакна Мицкоски.
Во Тетово ВМРО-ДПМНЕ ќе оди со поддршка на кандидатот за градоналачник од коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, најави Мицкоски на новинарско прашање, зошто немаат свој кандидат.
-Уште во првиот круг ВМРО ДПМНЕ ќе го поддржи кандидатот на Алијанса за Албанците и Алтернатива овде во Тетово, а советничката листа која ја има ВМРО ДПМНЕ очекуваме да освои рекорден број советници. Нашата цел заедно со Алијанса за Албанците и Алтернатива е онаму каде што уште во првиот круг ќе се поддржиме да ги поразиме овие криминални политики на коалицијата на власт предводена од СДСМ и ДУИ, рече Мицкоски.