Нема веќе полтрони и снисходливи, срамни политичари што ја брукаа државата, што ја виткаа кичмата на едно кивање однадвор. И тоа пречи на некого. И тоа е сосема нормално и очекувано, рече Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ и премиер на вечерашната трибина на тема „Инфраструктурен бум – ги градиме темелите на промените“ во организација на ВМРО-ДПМНЕ, која се одржа во Гевгелија.

Мицкоски се осврна на постапките, поточно кажувањата на претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

-Филипче вика Бугари во Устав, зошто да не. А веднаш потоа и самиот признава, и самиот знае дека тоа не е единствениот услов, туку во игра е и јазикот, идентитетот културата. Тој свесно прифаќа да се прифатат бугарските барања и да се пазариме за наредната фаза, наредната црвена линија од која нема назад, идентитетот и јазикот. Е тука имаме голема разлика, нема попуштања и нема чекор назад, зошто веќе нема простор за играње со националните чувства, кажа Мицкоски.

Тој псоочи дека отворено зборува за овие работи, без ракавици, зошто работи чесно, затоа што нема како нив да прифаќа се што ќе сервираат на маса, само за да се прогледа низ прсти за некаков криминален тендер што било традиција во претходната влада.

-Затоа ослободен од тој багаж јас ќе говорам и за дволичноста на Европа, за двојните стандарди што ни ги наметнуваат, за предолгото чекање и намаленото трпение, но и за лажливата опозиција потоната во скандали, која не е никаква алтернатива, туку рецепт за пропаст на Македонија. Ова не значи да се откажеме од европската иднина и од нашето партнерство со пријателите од Европа, но секако значи дека нашата најглавна задача да се сочуваме себе си, да ја развиеме економијата и обезбедиме иднина за секој човек, вели Мицкоски.

Премиерот укажува дека Владата е на вистинската страна на историјата.

-Другите се на погрешната. А ако ја видите цената за која се продале од опозицијата – иако може таа ним да им изгледа како многу пари, ќе видите дека е ефтина. Впрочем, какви што се и нивните лаги. Какви што се и триковите што ги користат и плановите што ги договараат зад грб на народот. Но времето на лагата завршува. Доаѓа времето на Македонија, заклучи Мицкоски.

Фото: ВМРО – ДПМНЕ