Премиерот Христијан Мицкоски денеска објави влез на нова странска инвестиција која ќе биде лоцирана во ТИРЗ Тетово.

Станува збор за компанијата Џаво Отмотив, која e глобален производител за автомобилската индустрија со повеќе од 40 години искуство. Ќе инвестира околу 20 милиони евра и ќе отвори меѓу 400 и 500 нови работни места.

Од Тетово ќе се произведуваат автомобилски компоненти за светски познати брендови, а извозот на компанијата во полн капацитет ќе достигне 45 милиони евра годишно.

Дополнително, Мицкоски очекува нови инвеститори од Турција.

-Што се однесува до други потенцијални инвеститори кои евентуално би дошле од Турција, како резултат на оној бизнис форум кој го организиравме, во периодот кој следи очекувам неколку десетици такви потенцијални инвестиции кои ќе се операционализираат. Претседателот Ердоган лично ни кажа дека ќе се заложи за што поголем број турски инвеститори да дојдат кај нас, овде, во Македонија, а нашата задача како држава, како македонска економија е сето тоа да го препознаеме и да отвориме нови работни места, рече Мицкоски.