Собрани сме овде со тешки срца, но со силна одлучност да се потсетиме и да дадеме почит за една од најголемите трагедии во историјата на нашата земја – депортацијата на македонските Евреи во март 1943-тата година, рече премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање на одбележувањето 82 години сеќавање на холокаустот на македонските Евреи.

-Ова не е само ден на тага и сеќавање туку и ден на предупредување, ден во кој ние како народ и човештвото потврдуваме дека никогаш нема да дозволиме историјата да се повтори. Пред Втората светска војна тука живееше динамична, просперитетна и богата еврејска заедница. Евреите беа не само граѓани, туку и значаен дел од културниот, економскиот и социјалниот живот во градовите како Скопје, Битола и Штип. Нивното присуство беше дел од нашата историја со векови. Но во една единствена ноќ, во една страшна одлука, тие беа избришани од своите домови, од улиците и животите. Таа година во март, тогашната фашистичка бугарска окупациска власт, во координација со нацистичките власти, наредија апсење и депортација на сите Евреи од тогашната Вардарска Македонија. 7144 мажи, жени и деца беа присилно собрани и одведени во привремениот логор во Скопје во објектот на тогашниот Монопол, рече Мицкоски.

Целиот говор на премиерот на овој настан, слушнете го во видеото во продолжение