Премиерот Христијан Мицкоски денеска во изјава за медиумите рече дека ќе му биде врачена протестна нота на бугарскиот амбасадор во земјава откако претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова при посетата на Софија и средбата со бугарскиот претседател Румен Радев била повикана да се слика без македонското знаме.
– Во минатото кога се понижуваше македонското достоинство, се виткаше кичма не се реагираше. Сега се решаваат работите на овој начин, дипломатски, се испраќаат протестни ноти, и нема да имаме дипломатска политика со свиткана кичма. Кога ќе се помине црвената линија, треба да се реагира. Она што е поважно за мене Европа и светот можеа да видат кои се вистинските намери на водството на Софија. Не се вистинските намери Бугари во Устав. Таму многу поголема е потребата да покажат мускули. Ние сме подготвени секогаш на добрососедски односи со добрина да возвратиме, но тогаш кога се поминат црвените линии, мора да интервенираме како што е тоа случај сега кога ќе му биде врачена протестна нота на амбасадорот на нашиот источен сосед, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања пред средбата со претставници на АХК Македонија, дел од мрежата на германските комори во странство и Македонско-Германското стопанско здружение.
Ние, нагласи, сме подготвени секогаш на добрососедските односи со добрина да возвратиме, но кога ќе видиме дека се поминати црвените линии ,тогаш ќе мораме да интервенираме.
Како што посочи, македонската делегација за непоставувањето на државното знаме не реагирала веднаш во знак на почит на двајцата пилоти, кои истиот ден го загубија животот во авионска несреќа.
– Имаше реакција од Кабинетот на претседателката и таму стоеше многу јасно зошто тој ден не е реагирано. Во интерес на почитта кон загубените трагични животи на пилотите што загинаа во Бугарија, не сакавме да создаваме тензија. Но добро е што и денеска се реагира, на овој начин. Порано не ни пречеше што се виткаше кичмата и што се бакнуваа чевлите на нашите соседи и се молчеше. Тогаш тоа беше убаво и европска вредност, а сега кога реагираме, зошто реагираме, рече Мицкоски.
За работата на Мешовитата комисија со Бугарија очекува разговорите да продолжат во духот на пријателството и добрососедство.
– Очекувам објективно да се преговара и да се разговара. Тоа се процеси кои траат со децении. Имаме такви примери во Европа. Секоја избрзано решение произведува избрзани одлуки, а тие избрзани одлуку можат да бидат погрешни. Затоа очекувам во еден добрососедски дух членовите на комисиите од двете страни ќе разговараат, рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.
Фото: МИА