СДСМ ќе ја брендира својата партија, а со тоа и самиот настан како „Понижена Македонија“. Јас мислам дека конечно Фројд во полно светло работи во опозициската СДСМ, вели премиерот Христијан Мицкоски.

-Таму, претпоставувам, има неколкумина кои имаат силно чувство развиено на стокхолмски синдром, кога жртвата се вљубува во ловецот, па така и тие од СДСМ, политичката партија која ја понижи и ја клекна на колена, ја опустоши и разграби Македонија, денес зборува за понижена Македонија. Не, напротив! Македонија денеска полека, но сигурно станува горда. Сето она кое го работевме изминатава година беа затворања на дупки и исплати на она кое го наследивме од овие кои ја понижија Македонија, тоа се СДСМ и ДУИ. Исплаќавме пензии, неисплатени плати кои не ги предвиделе, субвенции за земјоделците. Тоа не беше пречка да не постигнеме и историски договор со просветните и здравствените работници, да реализираме проекти кои тие не успеаја да ги реализираат, да почнеме нови проекти, 1200-1500 градилишта наскоро ќе имаме низ цела територија. Ние оваа година го правевме тоа кое што тие го понижија, украдоа, омаловажија, да го исправиме, рече Мицкоски.

Премиерот Мицкоски, кој денеска беше на отворањето на реконструрианиот пат кој ги поврзува Богданци и Гевгелија, рече дека штетата е огромна и дека има уште многу работа, но важно е дека надежта и гордоста кај граѓаните  на Македонија се враќа.

Мицкоски одговори и на други новинарски прашања:

Во делот на исплатата на субвенции во сточарството, опфатени се повеќе од 4 100 сточари, а исплатени се околу 350 милиони денари, информира премиерот Мицкоски. Тој напомена дека од почетокот на годината исплатени се 9 милијарди денари, односно станува збор за долгови од 2021, до 2024 година. Мицкоски е на ставот дека земјоделците остануваат главен приоритет на Владата.

-Изминатиот период беа исплатени субвенции во делот на сточарството. Од почетокот на годината вкупно се исплатени околу 9 милијарди денари. Тоа не е само за овој период, тоа се долгови од 2021, 2022, 2023 година и од тековната 2024 година. Продолжуваме и понатаму и со ребалансот, и со онаа распределба на крајот на годината. Сакаме да го фатиме редот, да нема долгови и покрај тоа што мораме да враќаме долгови од 2021 година, рече Мицкоски, одговорајќи на новинарско прашање, кој присуствуваше  на пуштање во употреба на реконструираниот регионален пат Понов мост-Богданци.

Тој потенцира дека има исклучително добри резултати и во делот на извозот во првите четири месеци од годината. Рече дека историски имаме највисока откупна цена на пролетна зелка, а добра откупна цена е и на доматите.

-Ќе мораме тоа да го сервисираме, бидејќи земјоделците се оние кои не само што ја хранат Македонија, туку морам да кажам дека има исклучително добри и квалитетни резултати и во делот на извозот во првите четири месеци од годината. Се радувам на историски највисоката откупна цена за пролетната зелка, а сега слушам дека е добра и откупната цена за доматите. Генерално, можам да кажам дека се уште не сме максимално задоволни, но одиме кон тоа ниво. Земјдолеците остануваат главен приоритет на оваа Влада, посочи Мицкоски.