ВМРО-ДПМНЕ во минатото во многу наврати го има кажано и повторено својот став кој се однесува на принципот на промена на Уставот, а со цел промена на уставното име, истакна во интервјуто за Канал 5, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
-ВМРО-ДПМНЕ и јас вклучително и раководството на партијата во многу наврати го кажаа својот став околу содржината на овој договор, квалитетот, но и последиците кои понатаму ќе произлезат откако овој договор некогаш би се имплементирал. ВМРО-ДПМНЕ многу активно учествуваше за време на лидерската средба со свои предлози за референдумот, евентуалниот, имајќи предвид дека мнозинството во Собранието го распишува референдумот. Се обидовме да повикаме на разум и да ги предупредиме колегите од СДСМ и ДУИ дека мора да се почитува Законот за референдум и Уставот, како и прерораките не Венецијанската комисија што подразбира дека прашањето не смее да биде збунувачко, не смее да има повеќе значења, како што е случајот со прашањето кое ќе биде дел од референдумот на 30 септември. Прашањето треба да биде едносмислено, еднозначно и да се однесува на договорот кој го потпиша Република Македонија со Република Грција, нагласи Мицкоски.