Испраќаме силна и јасна порака- Македонија се гради, истакна премиерот Христијан Мицкоски на пуштањето во употреба на реконструираниот патен правец Охрид-Свети Наум.
-Го пуштаме во употреба реконструираниот регионален пат од Охрид до Свети Наум, пат кој беше заборавен. Пат кој го заслужуваше Охрид, го заслужуваа граѓаните, туристите и сега конечно го добиваме. Со инвестиција од 11,7 милиони евра реконструирани се 24,3 километри современ магистрален пат. Реконструкцијата опфати целосна санација на коловозот, поставување на нова сигнализација, безбедносни огради и проширување каде што теренот дозволуваше, посочи Мицкоски.
Премиерот истакна дека направени се и заштитни интервенции на ризичните косини, со една цел – безбедност, сигурност и долготрајност.
-Ова денес не е само пуштање на пат, ова е уште една потврда за определбата на Владата да се гради без многу врева, без партиски и бизнис спектакли, со план, со јасна визија и многу работа. Во моментов паралелно се градат неколку клучни патни правци, автопатот Кичево-Охрид силно се забрзува, делниците Тетово-Гостивар и Гостивар-Букојчани се активни, а се работи и на подготовка за градба на делницата Букојчани-Кичево. Тоа значи дека целосно го затвораме автопатниот прстен во западна Македонија и тука не застануваме, посочи премиерот.
Инфраструктурата, посочи премиерот, не е трошок, таа е инвестиција во иднината на државата.
-Инфраструктурата ги отвора вратите за туризам, за економија, за регионално поврзување, за работни места, за живот со достоинство. Кога сме кај туризмот, во оваа година април месец е вонредно успешен со повеќе од 20 % поголем број на странски туристи споредбено со лани, а истото и во првите месеци од годината споредени со првите месеци од минатата година. Овој пат кој денес го пуштаме нè поврзува со еден од најголемите духовни и туристички комплекси на Балканот, Свети Наум. Тој е и дел од регионалната врска со Република Албанија. Охрид, градот под заштита на УНЕСКО, полека, но сигурно, го добива ликот на посакувана и пристапна европска дестинација. Го поврзавме со светот преку нови авио линии, преку Истанбул, Меминген, Виена, Белград. Денес, преку обновени патишта, овозможуваме да дише слободно и да се развива како што му прилега. Ова не е политика на ветувања, туку политика на испорака. Граѓаните гледаат резултати- не нацртани проекти, туку изведени, пуштени и функционални. Татковината се гради таму каде што, за жал пред нас беше пустош, застој и многу корупција. Додека некои зборуваа, ветуваа, ние изградивме патишта, проекти, доверба. Ние не пуштаме само пат- пуштаме патека кон иднината, рече премиерот.
Мицкоски порача дека ова е Македонија која се движи напред. Тивко, упорно и со резултати.
-Татковина која ја градиме со труд, чесност и одговорност. И тоа го правиме за секој човек, за секое дете, за секој граѓанин. Охрид заслужува. Македонија заслужува. А ние сме тука- да го изградиме тоа што долго беше запоставено. Со работа. Ќе повторам, без многу галама. Без бучава. Без привилегирани. Со срце и визија, порача тој.