Гоце Делчев за мене е Македонија. Тој со неговото дело и неговата борба за независна суверена македонска држава во срцето на Балканот не задолжи неа да ја чуваме, негуваме и развивме за генерациите после нас да се сеќаваат на неговото големо дело и за Македонија и за македонскиот народ чија нераскинлива алка е овој човек, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по положувањето цвеќе на гробот на Гоце Делчев по повод 150-годишнината од неговото раѓање.
Затоа, нагласи Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ денеска во рамките на македонското Собрание ќе поднесе и декларација со која, како што рече, сакаат да добијат поддршка од сите политички партии, и парламентарни и вонпарламентарни, за зацврстување на темелот за ликот и делото на Гоце Делчев.
-Очекувам сите политички партии без разлика дали се парламентарни или се надвор од Парламентот да ја поддржат декларацијата, рече Мицкоски кој не сакаше да даде повеќе детали за содржината на декларацијата и најави посебна прес-конференција на оваа тема во Собранието.
Цениме, нагласи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, дека треба овој ден да го одбележиме и сите оние кои велат дека се борат за македонскиот идентитет треба денеска безусловно да ја поддржат декларацијата.
На прашањето дали за став во врска најавата за заедничко чествување на Гоце Делчев, Мицкоски нагласи дека нема ништо против ако се слави тој како голем Македонец и македонски син.
-Ако се слави 150-годишнината од раѓање на големиот Македонец, македонски син Горѓи Гоце Делчев немам против, рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање нагласувајќи дека Гоце Делчев за него е Македонија.
Прашан дали на средбата со бугарскиот премиер Кирил Петков биле побарани некакви отстапки од него и од неговата партија, Мицкоски истакна дека не станало збор за некакви отстсапки, туку само барање за вметнување на дел од бугарскиот народ во Уставот, што веќе било кажано во јавноста.
-Никакви отстапки не бараа од мене Бугарите. Го споменаа тоа што го кажаа и во јавноста за промена на Уставот и да биде вклучен дел од бугарскиот народ, незначително малцинство во Македонија во Уставот. Тоа побараа. За тоа не се подготвени на реципроцитет за значителен дел на македонскиот народ што живее во тој дел кај нашиот источен сосед. И не се подготвени да ја тргнат понижувачката фуснота од македонскиот јазик што е кодифициран и засебен и различен од бугарскиот, рече Мицкоски.
Според него, суштината на сите барања на Бугарија, па и на заедничката историја е обид да да ја злоупотребат положбата што се членка на ЕУ да не натераат да прифатиме дека од среден век – од првото бугарско царство до 1945 година имаме заедничка историја и сме биле еден народ – Бугари. Тоа, нагласи, нема никогаш да го прифатиме.