Премиерот Христијан Мицкоски вели дека минатата година Македонија забележала раст на бруто домашниот производ кој ја вбројува во првите пет земји во Европа. Ако продолжат трендовите од почетокот на оваа година, вели тој, не би се изненадил да бидеме меѓу првите три земји по раст на БДП во Европа. Тоа, според него, би значело дека растот ќе може да почнат да го чувствуваат граѓаните преку раст на животниот стандард и куповната моќ.

– Минатата година, 2025, како македонска економија забележавме раст на БДП којшто не сместува во првите пет во Европа. И сега ќе кажам уште еднаш дека веројатно ќе бидам исмејуван на социјалните мрежи од страна на ботовите на опозицијата, но ова се бројки и факти кои ги објавува Евростат. Во 2024 година, поради добрата втора половина бевме во првите десет, во 2025  сме во првите пет, а за оваа 2026 година, ако оди вака како што почна годината, не би се изненадил ако сме во првите три. И што значи тоа? Ова значи дека конечно ќе почне полека, но сигурно да се чувствува  и кај граѓаните, односно ќе се зголемува  стандардот и куповната моќ, рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање при посетата на Кочани.

Економијата, додаде Мицкоски, за Владата е нешто што преставува најголем приоритет.

Потенцира дека има историски највисоки реализации на капитални инвестиции во првите два месеца од годинава, односно реализирани се 25 проценти од планираното.

– Вредноста на она што досега е реализирано изнесува над 10 милиони денари. Зборувам за централниот Буџет. Ако на тоа ги додадеме и инвестициите што се прават во јавните претпријатија и акционерски друштва во сопственост на државата, кои не се вклучени во оваа бројка, таа би била поголема, рече премиерот.

Ако се продолжи со ова темпо, дополнително со тоа што и приходите во буџетот се, како што рече, на едно неочекувано високо ниво во првите два, два и пол месеци, Според Мицкоски, годинава земјава би можела да биде во првите три земји по раст на БДП.