Годинава што заминува беше година на големи предизвици, но и на големи промени. Промени кои ги донесовте Вие. Новата 2022 ќе биде година во која промените и проектите ќе ја донесат конечната победа, триумф на вистинските вредности, им порачува на граѓаните лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во новогодишното обраќање.
-Годината што заминува ни остави различни емоции. Ковид пандемијата, енергетската криза, економското уназадување, трагедиите во Тетово и Бугарија и неспособната и неодговорна власт предизвикаа тага и болка, голем револт, разочарување, неизвесност… Но и конечно освестување и одважување дека работите мора да ги промениме ние, самите. Заради нас, заради нашите семејства.
Промените кои носат нова, подобра и поубава иднина се наша голема обврска. Работата е темелот на нашиот успех. Проектите кои ги реализираме чекор по чекор ќе донесат развој, стабилност и успеси, вели Мицкоски во обраќањето.
Порачува да се подобри екологијата, да се развив инфраструктурата, да се унапредат образованието, спортот и културата.
-Да бидеме подобри луѓе, повеќе да се почитуваме и да создадеме поубава иднина за нашите деца. Колку повеќе создаваме, толку повеќе ќе им олесниме на нив. Колку се тие посреќни, толку сме ние помотивирани. Децата на Македонија заслужуваат нова, среќна иднина во средена држава која ќе ги задоволи сите нивни потреби, вели Мицкоски.
За новата 2022 година посочува дека ќе биде година во која,како што кажува, промените и проектите ќе ја донесат конечната победа, триумф на вистинските вредности.
-Да продолжиме заеднички и да ја завршиме работата. Да донесеме реформи, нормалност и сигурност. Да ги зачуваме и унапредиме здравјето и животот, тоа се најголемите подароци за секој човек. Да обезбедиме европска иднина, подобар стандард, повисоки плати. Повеќе радост, светлина и среќа во секој еден дом, посочува Мицкоски.
Ветува дека со целата сила ќе се бори да биде подобро.
-Искрено и од срце, како ваш пријател, сосед, сограѓанин ви посакувам најубави празнични денови. Топол дом исполнет со ведрина и оптимизам. И многу љубов и насмевки со вашите блиски. Ви посакувам среќна, весела и успешна 2022 година, им порачува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на граѓаните.
Видеото од обраќањето и честитката од Мицкоски може да ги погледнете ТУКА.