Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, заедно со потпретседателот Александар Николоски денеска во Будимпешта оствариле средба со премиерот на Република Унгарија Виктор Орбан.

На средбата се разговарало за актуелната политичка состојба, европските перспективи на државата и начините за понатамошна соработка.

Според соопштеното од партијата, Мицкоски го информираше Орбан за загрижувачката економска и политичка состојба, како и високиот степен на криминализираност на општеството која поминува неказнето и со отсуство на волја на македонската Влада да влезе во отворена битка против корупцијата. Воедно, Мицкоски на средбата посочил дека нема друг таков пример каков што е случајот со Заев каде премиерот се фали со остварено влијание и диктирањето на одлуки на Врховниот суд и обвинителството и без притоа да има било каков правен епилог, ниту разрешница за ваквиот скандал.

Со оглед на фактот што актуелниот комесар за проширување и добрососедска политика Оливер Вархелиј доаѓа токму од партијата на Орбан, главна тема на разговорот било и инсистирањето и лобирањето на Мицкоски и Николоски, Македонија да добие датум за преговори со Европската Унија.

“Граѓаните и државата не смеат да бидат заложници на погрешните и погубни политики на Зоран Заев и неговата влада, нема повеќе време за губење и е потребно да се даде датум за преговори, при што ВМРО-ДПМНЕ гарантира сериозен план по изборите за имплементација на мерки и реформи кои државата ќе ја стават на брза трака на патот кон Европската Унија, а воедно ќе се надополни изгубеното време”, посочил Мицкоски.