Денеска претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во Загреб оствари средба со премиерот на Република Хрватска Андреј Пленковиќ и министерот за надворешни и европски прашања на Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, информира ВМРО-ДПМНЕ.

На средбата Мицкоски побарал од Хрватска да го поддржи одблокирањето на европските интеграции на државата, посочувајќи дека покрај ветото од источниот сосед граѓаните не заслужуваат да бидат заложници на неспособната влада на чело со Зоран Заев која не може да испорача резултати.

-Ветувањата наспроти делата покажуваат дека Македонија се соочува со растечка сиромаштија, пропадната бизнис клима и галопирачка корупција. Додека регионот и светот се рекордери по успеси и достигнувања, Македонија е рекордер по украдени избори, попис кој е фалсификат во најава, потрошени пари за поткуп, партизирано судство и селективна правда. Сето ова граѓаните ги прави несреќни и е јасен показател дека мора да се променат работите, истакнал Мицкоски кој додал дека граѓаните заслужуваат стабилност и големи чекори напред.

Мицкоски му се заблагодарил на Пленковиќ за поддршката најавувајќи дека Македонија е подготвена за промени, за борба за обезбедување на иднината, и за рестартирање на општеството.

Мицкоски и Николоски оствариле средба и со пратеничката во хрватскиот Сабор Маријана Петир, поранешна пратеничка во ЕП, основач на групата Пријатели на Македонија во Европскиот парламент.

Мицкоски и се заблагодарил на Петир за сиот нејзин труд, залагање и посветеност во промоција на интересите на Македонија и граѓаните на нашата земја.

Со ова Мицкоски и Александар Николоски ја заокружуваат дипломатската регионална посета каде за четири дена остваријазначајни средби со тројца премиери: премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ, премиерот на Словенија Јанез Јанша и премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, истакнуваат од партијата.