Според информациите од Сојуз на средношоколци, онлајн наставата денеска ја бојкотирале матуранти од 20 града низ земјава, кои не се откажуваат од барањето да се намали бројот на предмети за полагање државна матура од 4 на 2, пренесува Канал 5.

Бојкотот ќе продолжи следнава недела, а доколку не се прифатат нивните барања ќе размислуваат и за протести.

Министерката Мила Царовска тврди дека само во една гимназија во Скопје има поорганизиран бојкот, а сите други се мали изолирани групи во дел од гимназиите. Царовска повтори дека оваа година нема да има измени во бројот на испити, но дека ќе се полага по скратени програми.

За моментална ситуација со бојкотот на матурантите прашавме во некои од скопските гимназии. Директорот на гимназијата „Орце Николов“ вели дека само еден клас од триестина ученици од четврта година денеска не се приклучиле на онлајн настава.

Министерката Царовска денеска се сретна со наставници од основните училишта кои дадоа поддршка за новите реформи за основците со забелешки за повеќе време и дополнителни обуки. А додека едни наставници се задоволни, други од Независниот синдикат за образование најавија протести незадоволни од дијалогот и третманиот од МОН.