Со 62 гласа „за“ и ниту еден „против“ изгласан е Законот за попис на населението. Глас дадоа пратениците од СДСМ, ДУИ и Беса, како и од коалицијата Алијанса за Албанците-Алтернатива, додека ВМРО-ДПМНЕ не учествуваше во гласањето.

Претходно координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски се пожали за врзан потпис на директорот и заменик-директорот на Државниот завод за статистика.

Собранискиот спикер со реакција. Вели дека врзаните потписи се резултат на Договорот од Пржино.

На говорница излезе и пратеникот од коалицијата АА-ААА, Скендер Реџепи, кој го покрена прашањето – зошто на мнозинството му се брза да го стави законот на гласање?

„Гледам дека на мнозинството му се брза да го донесе законот, но ние не се брзаме. Ние сакаме јавноста да ги види овие факти, она што се случуваше во изминативе денови во врска со Законот за попис. Претседателе Џафери, вие бевте сведок дека нашата пратеничка група беше во Собрание, но до 13:30 во Собранието немаше никој ниту од опозицијата, ниту од власта. Вие сте сведок дека во 13:40 ве повикав и ми кажавте – нема да има седница, слободни сте можете да си одите“, истакна Скендер Реџепи.

Инаку, предвидено е пописот да се спроведе од 1 до 21 април.