Обвинителката Фатиме Фетаи, во завршниот збор за случајот „Монструм“, распослан на 70 страници, се осврна и на прислушуваните разговори, поради кои СЈО ја доби надлежноста врз случајот, потенцирајќи дека истите не открија нова или поинаква вистина за петкратното убиство, пренесува Фокус.

-Од прислушуваните материјали не произлегоа битни факти. Нужноста истите да бидат презентирани беше потребата за трагање по вистината, но и отфрлање на сите сомнежи кои се појавија низ годините, истакнала Фетаи.

Таа го посочила примерот со Зоран Заев, кој од позиција на лидер на тогашната најголема опозициска партија, јавно зборуваше дека прислушуваните разговори ќе ја откријат вистината за „Монструм“.

-И покрај ваквото тврдење се отфрлија сомнежите дека постои друга вистина, на која, на еден начин, беше навлечена јавноста. Но, ниту прислушуваните материјали, ниту неговиот исказот, не ја смени вистината во „Монструм“, истакнала Фетаи, додвајќи дека преквалификацијата следува по правилната анализа на сите прибавени докази.

Таа додала и дека на прашање на Обвинителството дали постојат други материјали, Заев потенцирал дека сите материјали биле предадени на СЈО, а поради тоа што дел биле прибавени преку посебни истражни мерки бил советуван од неговите адвокати да не ги објавува во јавноста, поради што ги предал во СЈО.

Претходно, обвинителката извршила преквалификација на обвинението. Алил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ ги обвинила за извршување на петкратното убиство, односно за делото тероризам, а Хаки Азири дека им помогнал. Фејзи Азири пак е обвинет дека им помогнал на извршителите да избегаат.

За обвинетиот Сами Љута пак обвинителката кажала дека обвинението е повлечено, поради што, како што рече, очекува судот да донесе ослободителна пресуда.