Иницијативите од Брисел и од други европски влијателни земји за одржување средби на високо ниво со Бугарија засега не добиле конкретен одговор од Софија, истакна премиерот Христијан Мицкоски на брифинг со новинарите. Тој порача дека останува нејасно дали бугарската Влада е подготвена да учествува на ваквите разговори, додека од македонска страна локацијата и форматот на средбите ќе зависат од тоа дали прашањето ќе се третира како билатерално или како европско. Мицкоски повтори дека барањата за гаранции од ЕУ се логични и произлегуваат од искуствата од минатото, како и дека Владата нема да прифати процес кој ќе отвори простор за нови условувања.
– Нема партнер за танго. Имаше иницијатива и од Брисел и од други влијателни земји за состаноци на високо ниво, да се седне да се разговара. До овој момент, нема информација дали бугарската Влада е подготвена и дали сака да присуствува на тие состаноци, истакна премиерот Мицкоски на брифинг со новинарите.
Во однос на тоа дали македонската страна прифаќа да разговара во Софија или само во Брисел, Мицкоски рече дека зависи од тоа дали прашањето се третира како билатерално или не.
– Ако ова веќе не е билатерално прашање, тогаш е логично да разговараме во Брисел. Бугарската Влада вели дека ние можеме сами да си го решиме. Тогаш, тоа е билатерално прашање. Значи, тоа е веќе билатерализација. Нека расчистат самите со себе, рече премиерот.
Во однос на барањата за гаранции, премиерот истакна дека поучени од институционалната меморија од минатото дека секоја отстапка создава простор за нови услови, логични се овие барања од македонски страна. Во одговор на новинарско прашање, тој посочи дека во однос на гаранциите, нема никакво поместување од европските партнери, по изјавата на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, кој токму од Софија порача дека е логично на Македонија да ѝ се дадат гаранции.
– Уставните измени се само почеток. И утре да ги внесеме Бугарите во Устав, прашање е само дали за 3, 6 или за 9 месеци ќе имаме нов услов. Едно е политика, а друго е национален интерес. Прашањето е дали ќе продолжиме по овој пат да бидеме наивни дека ако правиме отстапки, тоа е начинот. Јас не мислам дека тој пат е добар. Овој пат по кој оди оваа Влада е тежок, но не е срамен, истакна премиерот.
Во однос на документот со црвените линии што ги претстави лидерот на СДСМ, Венко Филипче, Мицкоски истакна дека смета оти опозицискиот лидер е доволно искусен како политичар и досега требало да прочита дека не треба да чека одговор за црвените линии.




