– Денеска имавме ете еден би рекол многу конструктивен состанок кој што за жал или би рекол трибина ја свикавме поради неубав јубилеј, а тоа е отприлика година дена од првиот случај кој што се дијагностицираше и кој што беше позитивен на КОВИД-19 или на короната. Тогаш во тоа време не убедуваа дека опозицијата ширела лажни вести, дека опозицијата била таа која што не знаела што зборува, дека власта ги имала конците во свои раце и дека практично имале стратегија, имале план, имале визија како да спречат понатамошно ширење на вирусот. Иако месеците потоа потврдија дека ниту план имаат, ниту визија, ниту стратегија, ниту пак знаат како тоа да го направат. Не убедуваа дека ќе имаме не повеќе од 2.000 луѓе кои што ќе заболат од овој вирус, за жал денеска имаме повеќе од 100.000 евидентирани, можете да замислите колкава е бројката на тие кои што не се евидентирани, изјави денеска за медиумите, Христијан Мицкоски по средбата со докторите кои се во првите редови во борбата против КОВИД.

– За жал имаме повеќе од 3.000 наши сограѓани кои што ги загубија животите поради неспособноста на Зоран Заев и владата на СДСМ. И за жал од она што можеме да забележиме е дека и после една година ниту имаат план, ниту имаат визија, ниту пак имаат стратегија туку напротив служиме за потсмев. Луѓето буквално играат мајтап со Македонија, единствената држава во Европа, би рекол на Балканот сигурно, која што сеуште нема набавено сопствени вакцини, кои што граѓаните кои што сакаат да се вакцинираат ќе ги имаат на располагање. Еве денеска еден од присутните претседателот на комисијата прочита еден фејсбук статус на еден негов колега кој што буквално моли да добие вакцина од министерот, човекот има 65 години. Така што се наоѓаме во една апокалиптична ситуација за здравјето на граѓаните, за здравјето на нацијата и јас навистина единствено нешто што можам во овој момент да побарам е голема општествена широка поддршка да се совладаат овие неспособни луѓе кои што денеска се наоѓаат во Владата, а потоа да дојдат луѓе кои што знаат како навистина да ги решат напластените проблеми кои што и онака се напластија уште повеќе во овие 4 години од Зоран Заев и СДСМ, а потоа се разбира и одговорност за сите овие погрешни политики кои што за жал значат и човечки загубени животи, истакна тој.

– Отприлика тоа беше денешната трибина, денешниот состанок со медицинските лица, со лицата кои што веќе година дена се на првата линија на фронтот би рекол еве вака во војнички жаргон да се изразам и луѓето кои што до ден денешен спасија можеби илјадници човечки животи и луѓето кои што за жал денеска владата на СДСМ и Зоран Заев ги остави на цедило и на бришан простор без да вложи ниту еден фенинг во подобрување на условите во кои што тие работат, додаде Мицкоски.