Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во емисијата „Клик плус“ на телевизија 21 истакна дека Специјалното јавно обвинителство кое требаше да биде лулка на правдата стана дувло на криминалот и корупцијата. И токму, како што вели тој, ова криминално дувло на чело со осомничената Катица Јанева била црвена линија на СДСМ и Зоран Заев во речиси целиот тек на преговорите за новиот Закон за јавното обвинителство.

-СДСМ сакаше со закон да се формира нова обвинителство за организиран криминал и висока корупција каде што овие обвинители од СЈО би прешле и практично би го воделе тоа обвинителство, ние рековме немојте има злоупотреби луѓето не се чисти. Не, тоа беше нивната црвена линија, крајна позиција, вели Мицкоски.

Мицкоски потенцираше дека опозицијата во повеќе наврати и посочувала на власта за злоупотребите кои се случувале во обвинителството на Јанева, а како класичен пример за тоа ги спомена милионските хонорари кои им биле исплаќани на обвинителите во СЈО. Со закон е регулирано колкав е процентот на бонус кој вработените во администрацијата можат да го земат, додаде тој напоменувајќи дека дозволената сума е до 35 проценти од платата, а тие земале и по 6 илјади евра во еден месец, но тоа ниту еден обвинител не го истражува.

-Видовте колкави хонорари биле исплаќани за што биле исплаќани и сето тоа се кривични дела, тоа не е објаснување. Еден обвинител не покренува постапка за примање наградата надвор од законски дозволената сума, до 35 проценти им следува. Тие земале по 5 по 6 илјади евра месечно. Никој денеска, кажете ми еден обвинител кој што покренал, еве, барем сомневање. Проблемот е што не треба ние политичарите да ги провоцираме, треба да ги следат законите Уставот и правдата. Тие за тоа се платени од нас граѓаните, истакна тој.