Премиерот Христијан Мицкоски по повод Светскиот ден на здравјето на денешната прес-конференција истакна дека здравјето е наша заедничка обврска, а Владата ќе продолжи да го зајакнува здравствениот систем, да вложува во услови, кадар и достоинство на сите здравствени работници.

-Донесена е одлука за историско зголемување на капитациониот бод за матините доктори од општа медицина, гинекологија и стоматологија. Почнувајќи од април 2025 година. Зголемување на капитацијата на матичните лекари значи повисоки плати и помотивирани лекари. Согласно оваа одлука вредноста на капитациониот бод за општа медицина и гинекологија ќе се зголеми од 75 на 100 денари, додека за стоматологија од 61 на 75 денари што претставува зголемување од 33 односно 23 проценти, посочи Мицкоски.

Премиерот додаде дека оваа одлука доаѓа по повеќегодишна стагнација во период од 2019-2022 година кога бодот изнесува 63 и 43 денари.

-Ако погледнеме наназад, од 2015 година до сега, капитацијата за општа медицина порасна од 50 на 100 денари-удвојување на вредноста за една деценија. За гинекологијата исто така имаме раст од 50 на 100 денари, додека за стоматологија од 35 на 75 денари, што е зголемување за 114%. Потценетоста на примарната здравствена заштита доведе до намалување на бројот на амбуланти во 2024 година во однос на 2023 година за 34 амбуланти по општа медицина и 24 по стоматологија, а над стотина помалку амбуланти по општа медицина има сега во однос на 2015 година. Посебно намалување има во руралните и помалите места, за кои уште во јануари се донесоа посебни мерки, вели Мицкоски.

Државата издвојува околу 4.5 милијарди за матичните лекари, гинеколози и стоматолози, а за ова зголемување ќе се издвојат околу 550 милиони денари или над 9 милиони евра.