Ставањето вон сила Упатството на ДИК од 2024 за регулирање на постапката за собирање потписи и начинот на определување на нотарите согласно Изборниот законик според премирот Христијан Мицкоски не го нарушува изборниот процес за локалните избори, а  Државната изборна комисија има законска обврска да донесе ново. Какво ќе биде тоа, рече, зависи од самата Комисија.

Одговарајќи на новинарско прашање што по ставањето во сила на Упатството и дали може да се очекува донесување комплетно нов изборен законик истакна дека тој е завршен и оти неколку месеци е заглавен во македонското Собрание поради нереално барање на една политичка партија.

– Изборниот законик е завршен и неколку месеци е во собраниска процедура. Колку што знам тој е блокиран од една опозициска партија поради барања кои немаат никаква логика, ниту пак некаде во светот се применуваат такви барања. Едно од барањата е било кој член во ДИК, без разлика на мнозинството, да стави вето и тоа да е апсолутно. Такво нешто ниту постои, ниту некаде е видено во светската пракса. Со други зборови не сакаат да се донесе овој изборен законик. Но, доколку постои политичка волја, ние како владина коалиција сме апсолутно подготвени утре да се стави оваа точка на дневен ред и да се заврши со тоа, изјави Мицкоски на увидот во изградба на училишна спортска сала во Петровец.

Повтори дека тој е усогласен од страна на политичките партии во Парламентот и веќе неколку месеци стои таму.

– Кога кажувам усогласен меѓу политичките партии зборувам за сите политички партии кои се во Парламентот, со исклучок на една која во последен момент се премисли затоа што сакала членот во ДИК кој е од нивните редови да става вето на одлуката на комисијата и на Општинските избирачки одбори, нешто што никаде го нема во светот, такво нешто не постои, рече македонскиот премиер.

За жал, додаде тој, ова е еден од тие неколку закони кои можат да трпат филибастеринг од страна на политичките партии во Парламентот.

– Сега во овој случај одлуката е кај ДИК. Таа има механизам и членовите може да го донесат во својот правилник. Ќе си донесат нов правилник, реле Мицкоски.

Прашан дали тоа би значело оти независните кандидати повторно ќе треба да собираат потписи за учество на изборите, премиерот истакна дека тоа прашање како би изгледал новиот правилник треба да се постави на ДИК.

– Тие, бидејќи го ставија стариот вон сила, согласно законските надлежности носат нов, така што ништо не е доведено под знак прашање, истакна премиерот Мицкоски.

ДИК на седницата во саботата усвои заклучок вон сила да се става Упатството на ДИК од 2024 за регулирање на постапката за собирање потписи и начинот на определување на нотарите согласно Изборниот законик.

Како што рече претседателот на ДИК Борис Кондарко, тоа упатство за регулирање на постапката за собирање потписи се става вон сила поради одлуката на Уставниот суд со која се укинати членови 61 и 62 од Изборниот законик каде што е предвиден број/процент на потписи за предлагање листи на група избирачи.