Македонија станува дел од „Плазма – Спортските аматерски игри за деца“, кои во изминатите години обединија повеќе од два и пол милиона деца од неколку држави. Најдобрите ќе бидат дел од финалните натпревари, што ќе се одржат во август годинава во Сплит.

Иницијативата трае веќе 27 години, а во неа се вклучени деца од Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија и од Словенија. Целта е да се почувствува вистинската вредност на спортот и преку него децата да се учат на вистинските вредности во животот.

На денешното потпишување на договорот меѓу меѓународната платформа „Спортски игри за млади“ и Федерацијата на училишните спортови присуствуваа и премиерот Христијан Мицкоски и министерот за спорт, Борко Ристовски.

– Првпат сме во Македонија и веруваме дека ова ќе биде чекор напред. Сакам да ги повикам децата да учествуваат и преку спортот да запознаат многу пријатели. Најдобрите ги очекуваме на најдоброто финале во Сплит – рече претседателот на „Плазма – Спортските игри“, Здравко Мариќ.

Според премиерот Мицкоски, со ваквиот чекор земјава прави синегрија меѓу младите и спортот.

– Важно е да ги научиме младите дека иднината е во нив. Можам да зборувам како неуспешен спортист, но спортот остана секогаш во мене и затоа како Влада првпат формиравме Министерство за спорт. Мислам дека полека, но сигурно ги поминуваме успешно првичните предизвици и почнуваме да функционираме – рече Мицкоски говорејќи за себе како кошаркар, кој животот го насочува на поинаква патека.