Европската иднина на Македонија е заглавена и закочена. Незнаењето и неодговорноста на Владата создаде нов спор и проблем во последните 3 години. Од ден на ден овој спор се продлабочува и станува се поголем. Нашата Влада секојдневно тргува со нови идентитетски обележја, историски периоди, македонски херои, македонскиот јазик.
Ова го истакна на денешнат апрес-конференција претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Текстот од прес-конференцијата го пренесуваме интегрално:
Секој ден нови изјави, секој ден новa непозната, нови преговори и секој ден она што е најболно за македонскиот народ нови отстапки.
Оваа Влада во решавањето на спорот со Грција не сакаше да има наш, македонски државен и национален консензус. Сама без никого, без опозицијата, без другите општествени фактори донесе решенија. А тие, до ден денес и секој ден повеќе се потсетник како не треба да се постапува и како треба да се учи од грешките кои скапо не чинат сите нас.
До сега оваа Влада требаше да научи дека е потребен национален и државен консензус за националните и државни прашања.
Како дојде до спорот со Бугарија? Главната причина е домат пазарџиската дипломатија на Зоран Заев и Никола Димитров.
Сето ова е последица на непознавањето на државните односи на Балканот и неразбирањето на последиците од секоја една постапка.
Кога овој човек е соочен со проблем, тој е подготвен да ја плати најскапата цена ама на туѓа сметка, на сметка на државата, за да го сочува својот личен интерес, кој што значи власт и привилегии.
Бугарските позиции ги знаеме. Нивните црвени линии се содржани во бугарската декларација, и во ставовите соопштувани од Претседателот и Владата на соседна Бугарија. Сите зборуваат за едни позиции.
Но кои се позициите и црвените линии на Македонија? За жал тие граници не се дефинирани. И немаме една позиција.
Затоа ВМРО-ДПМНЕ вели неопходен е национален и општествен консензус. Знаеме што е она за што не смееме да отстапиме, што е тоа за што Владата не смее да преговара, и она за што не смее да се прави компромис.
Конечно е време оваа Влада да разбере дека државата е на сите граѓани, и сите мораат да знаат за државните решенија. Македонија е на сите луѓе и ние мора да се бориме за тој концепт.
ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи до македонското собрание Резолуција во која ќе се дефинирани македонските позиции во преговорите со нашиот источен сосед.
Оваа резолуција би имала обврзувачко дејство согласно волјата на народните избраници, а врз Владата би значело оцртување во кои рамки смее таа да разговара, но со почитување на црвените линии во кои се содржани националните и државните интереси.
Во самата резолуција се содржани дефинициите и јавно, повторувам и јавно декларираните ставови на МАНУ, најстариот универзитет УКИМ И МПЦ ОА-Јустинијана Прима за јазикот и идентитетот.
Она што го нудиме не е авторски текст на ВМРО-ДПМНЕ, туку тоа што го дефинирале највисоките научни и општествени авторитети како заеднички државен и национален интерес.
На овој начин оставаме поширок простор за прифаќање на оваа Резолуција и од останатите политички партии во македонското Собрание.
Очекуваме широка општествена поддршка во дефинирањето на она што е национален и државен интерес.
На ова сакаме да се гледа како наш искрен однос и придонес.
Оваа Резолуција не треба да биде гледана и претставена како резолуција на ВМРО-ДПМНЕ, туку резолуција за конечно поставување на државен консензус за нашата европска перспектива.
Прифаќањето на оваа резолуција ќе значи и поддршка за секоја идна влада во водењето преговори и создавањето на гаранции за постигнување на квалитетни решенија кои ќе ги сочуваат нашите, само нашите посебни идентитетски обележја.
Се поставува прашањето што ќе содржи резолуцијата која што ВМРО-ДПМНЕ ќе ја предложи во Парламентот. Во продолжение следи текстот кој што ќе биде доставен во Парламентот.
- Преговорите да се водат на рамноправна и принципиелна основа, со должно почитување на меѓународното право, без никакво условување од едната или од другата страна и со почитување на достоинството на македонскиот народ.
- Да се почитуваат безрезервно сознанијата на македонските општествени, хуманистички и културолошки науки во врска со автохтоноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет, повторувам континуитет.
- Да се уважуваат сознанијата, утврдените факти, усвоените теории и емпириските истражувања на современата светска славистика, лингвистика, историографија и меѓународното право, според коишто:
– Македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат свој просторен континуитет и свој временски континуитет.
– Македонскиот идентитет го црпи својот легитимитет од повеќе – вековните традиции, преданија, обичаи, колективна меморија, менталитет, јазикот, артикулираната свест за етнокултурната посебност, колективниот интегритет, почитта кон традиционалните религиски институции и наративот за припадноста на одреден географски и историски простор.
– Споделените места на меморија на балканските и медитеранските простори подразбираат инклузивен однос, а не ексклузивно присвојување на историјата и традицијата, понатаму подразбираат интелектуална слобода, а не робување на анахроните историски стереотипи и илузии, не културен и историски хегемонизам.
– Процесот за евро интеграција на нашата држава да продолжи во духот на меѓусебно почитување и уважување на вложените напори од наша страна за исполнување на критериумите.
– Да се применуваат позитивните и општоприфатени меѓународни Конвенции и Декларации на ОН за правото на самоопределување и за човековите права и слободи.
– Да се почитува безусловно слободно изразената волја на македонскиот народ, неговата етничка и духовна посебност.
Почитувани присутни,
Наспроти се друго што сме виделе во минатото, потребно е овој пат мудро, и одговорно однесување, спрема својот народ, спрема својот идентитет и спрема нашата заедничка иднина. Оваа резолуција е документ од кој треба да произлезе национален консензус, брана за сите напади, и обиди за манипулација и ќе биде заедничкиот став на Македонија за сите, повторувам за сите важни прашања. Не е доволно да се збори за црвените линии, овој пат тие треба да се бранат. А, тоа е наша должност.
Подготвен сум на дебата, на заедничка размена на мислења но и уште поважно да испратиме заедничка порака дека нашиот идентитет, јазик и историја е наше право, наша обврска која ќе ја штитиме заеднички. Воедно на овој начин ќе превенираме и други и слични негаторски аспирации кон она што за нас треба да биде суштински важно.