Премиерот Христијан Мицкоски очекува градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска денеска или утре да организира координација со советничките групи во Советот на Град Скопје и да го презентира планот за подобрување на состојбите со хигиената и јавниот превоз во главниот град.
На новинарско прашање што доколку планот е неприфатлив, Мицкоски денеска рече да се види прво планот, истакнувајќи дека ќе се направи се за да се заштити интересот на скопјани.
Според Мицкоски, Арсовска на завчерашната средба во Владата немала план и ѝ биле дадени неколку идеи.
-Немаше план. Јас ја повикав бидејќи бараше средба, но план не слушнав. Дадов неколку идеи. Очекувам денес, утре, да организира координација со советничките групи и да го презентира планот конечно. Првин да го видиме планот на градоначалничката, па потоа се разбира дека ќе сториме се за да го заштитиме интересот на скопјани, изјави Мицкоски, при посетата на Неготино.
Министерот за локална самоуправа Златко Перински, по средбата со Арсовска рече дека очекувале да слушнат некаков план или реални потреби за кои како Влада и можеле да помогнат, но таа не понудила ништо конструктивно.
Премиерот Мицкоски денеска беше во посета на Неготино, каде почнува изградбата на градскиот пазар.
-Едно преубаво издание, инвестиција вредна повеќе од 24 милиони денари пари кои што се финансирани од буџетот на Општина Неготино. Набрзо од денеска преку Министерството за локална самоуправа ќе објавиме повик до општините, да поднесат проекти кои што ќе бидат финансирани од централниот буџет. Тоа што го добив како информација од градоначалникот веќе имаме некои такви проекти кои што се во фаза на одобрение за градба, значи веднаш може да се отпочне со процес на тендерирање и процес на реализација на тие проекти. И тоа е добро. Добро е кога се гради, добро е да си ја развиваме државата затоа што тоа го очекуваат граѓаните од нас, тоа го ветувавме, за тоа и се залагавме дека ние чуда не можеме да ветуваме, ниту да се обврземе, чуда се невозможни, тие кои ветуваа чуда се лажговци, истакна тој.
Мицкоски посочи дека со напорна работа ќе продолжат и понатаму.
-Ние ветувавме многу работа, чесна работа, посветена работа, напорна работа и тоа го правиме во овие први 50 дена од оваа Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија, така и ќе продолжиме понатаму. Важно е дека полека но сигурно надежта се враќа, оптимизмот се враќа и тоа е она кое што е наша задача и наша цел како Влада, истакна тој.