МИЦКОСКИ: Кутиите беа брутално наполнети со повеќе од 50.000 ливчиња

/ 01.10.2018

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ќе предложи анкетна комисија за испитување на злоупотребите на референдумскиот процес.

Ова го најави во своето гостување на „Отворено“ на Алфа.

-Нашата анализа покажува дека повеќе од 50.000 гласа на ова референдумско изјаснување, се гласови кои што на насилен и девијантен начин се брутално полнети во кутиите. Ако оваа бројка се додаде на онаа бројка која што ја кажа Заев, тогаш ние ќе добиеме една бројка на гласови која што е под секаков минимум.Но, тоа не загрижува толку колку што загрижува дрскоста на политичарите, на политичките елити кои што ја водат Владата, да се дрзнат и да влезат во една ваква авантура во процес во кој ќе ја вратат Македонија во 90-тите години кога револвераши беа присутни во изборните места, рече Мицкоски.

Тој потенцира дека се е документирано и дека ќе ја запознат меѓународната заедница што се случуваше вчера во Македонија.

Од ова Јавно обвинителство, вели, не очекува ништо. Затоа, како што истакна, ќе биде побарана оставка од сегашниот Републички јавен обвинител и назначување на нов по предлог на опозицијата кој ќе ги истражи овие фалсификати на вчерашниот референдум, но и сите криминали на власта во измината година. Истовремено, најави дека ќе побара д асе формира Анкетна комисија во Собранието за овие случувања:

-Ќе предложам на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, да предложи формирање на анкетна комисија во Собранието, која ќе се позанимава со целокупниот процес на референдумско изјаснување, ќе го разгледа од моментот на организирање на кампања, колку средства, за што се трошени, колку чинела секунда во поедини медиуми, , па се до бруталното полнење на кутиите.


Од истата категорија